Галичник и оваа година ќе биде домаќин на една од најпрепознатливите македонски културни манифестации – автентичниот свадбен ритуал, исполнет со традиционални носии, песни и ора – Галичката свадба. Мијачкото село повторно ќе ги оживее вековните свадбени обичаи, кои со генерации се пренесуваат како дел од македонското културно наследство. Годинашни младенци се Александар и Мартина.
„Минатата година за првпат имав прилика да присуствувам на Галичката свадба и бев воодушевена од убавината на самата традиција, од сите обичаи и без двоумење прифатив оваа година да бидам галичка невеста. За мене е огромна чест да бидам дел од една прекрасна македонска традиција што има огромно значење за сите нас.“, изјави Мартина Михајлова, галичката невеста.
Традицијата продолжува да живее и да се пренесува на идните генерации, а интересот за манифестацијата расте од година во година, особено кај младите. Некогаш свадбите траеле повеќе од седум дена, додека денес се сведени на еден викенд. Оваа година програмата е збогатена со два нови обичаи.

„Секогаш сакаме да промениме нешто, да додадеме нешто. Ќе воведеме два нови обичаи што се правеле пред почетокот на Галичката свадба. Тоа се замесувањето на сваќата и редењето на ситото. Тие се доста интересни и првпат ќе бидат претставени пред публиката.“, изјави Огнен Караѓозовски, претседател на Месната заедница „Галичник“
Галичката свадба ќе се одржи од 10 до 12 јули, како потсетник дека традицијата не е само спомен од минатото, туку живо наследство што продолжува да ги обединува луѓето и да ја раскажува приказната за македонскиот народ и неговата култура.
