Министерот за дигитална трансформација и меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски заедно со пратеничката Иванка Василевска се учесници на Политичкото собрание на Европската народна партија (ЕПП) во Виена.
Андоновски денеска учествувал на панел-дискусијата „Проширувањето на Европската Унија: Од посветеност до подготвеност на земјите кандидати“.
Во обраќањето ја поздравил стратешката определба на Европската народна партија за продолжување на политиката на проширување, оценувајќи дека актуелните геополитички случувања уште еднаш потврдуваат дека проширувањето не е само една од политиките на Европската Унија, туку стратешка инвестиција во иднината, безбедноста и конкурентноста на Европа.

-Прашањето денес не е дали проширувањето е потребно. Прашањето е дали Европа е подготвена своите стратешки амбиции да ги претвори во политички одлуки, истакнал Андоновски.
Тој нагласил дека подготвеноста за членство има две страни – обврската на земјите кандидати да ги спроведуваат реформите и подготвеноста на Европската Унија да ги прифати оние држави кои ги исполнуваат критериумите.
Говорејќи за реформите во Македонија, министерот истакнла дека дигиталната трансформација претставува еден од клучните двигатели на европската интеграција.
-Дигиталната трансформација не е само технологија. Таа го менува начинот на функционирање на државата. Кога институциите електронски разменуваат податоци, се намалува бирократијата. Кога услугите се дигитални, се намалува корупцијата. Кога секоја службена постапка остава дигитална трага, се зголемува отчетноста. Тоа не се ИТ проекти, туку суштински реформи за владеење на правото и поефикасна јавна администрација, рекол Андоновски.

Тој потсетил дека преку националниот портал денес се достапни повеќе од 300 електронски услуги, дека платформата за интероперабилност поврзува речиси 100 институции, а државата воведува SMART лиценци, електронско управување со документи, дигитален идентитет и дигитален паричник.
Андоновски посочил и оти токму реформите во областа на дигитализацијата имаат значаен придонес во успешната имплементација на Реформската агенда, при што речиси една четвртина од досега обезбедените средства преку Инструментот за реформи и раст се поврзани со исполнувањето на реформите во дигиталниот сектор.
Осврнувајќи се на Планот за раст, СЕПА и иницијативата „Роаминг како дома“, Андоновски нагласил дека тие се важни придобивки за граѓаните, но не смеат да станат замена за полноправното членство.

-Овие иницијативи треба да бидат мост кон членството, а не негова замена. Најголемата сила на процесот на проширување отсекогаш била неговата кредибилност – кога една држава ги исполнува критериумите и ги спроведува реформите, таа треба да напредува, истакнал Андоновски.
Во завршницата од своето обраќање, тој истакнал дека процесот на проширување мора да остане заснован на заслуги и исполнување на Копенхашките критериуми, а не да биде заложник на билатерални прашања.
-Доколку реформите станат споредни во однос на билатералните спорови, се доведува во прашање кредибилноста на целата методологија на проширување. Ако сите се согласуваме дека Европа се протега од Украина до Ирска и од Кипар до Финска, тогаш треба да разговараме како европските компании, научници и иноватори заеднички ќе победуваат во глобалната трка за вештачка интелигенција, квантни технологии и нови индустрии. Политиките на блокади не ги запираат нашите глобални конкуренти – тие само ги ограничуваат европските партнерства и европскиот потенцијал, порачал Андоновски.
Во рамки на вториот ден од Политичкото собрание, свое обраќање на работниот појадок на експертите за проширување ќе има и пратеничката Иванка Василевска.
