Британскиот совет официјално ја започна рундата за 2026 година од својата водечка програма за грантови, „Врски преку културата“ (ВПК). Иницијативата, како што информираат од Британскиот совет, е создадена да обезбеди почетно финансирање за билатерални креативна соработка, интеркултурна размена и долгорочни институционални партнерства помеѓу креативните професионалци од Обединетото Кралство и 35 земји учеснички ширум светот, вклучувајќи ја и Македонија.
-Во рамките на значителното проширување на програмата за 2026 година, ВПК ќе вклучи и две постоечки програми на Британскиот совет: Програмата Биеналс Конект (Поврзување на биеналата) [Biennials Connect], посветена на визуелните уметности, и грантови за биенала и фестивали во архитектурата, дизајнот и модата – Биеналс енд фестивалс грантс (Грантови за биенала и фестивали) [Biennials and Festivals Grants]. Ова консолидирање создава унифицирана и поедноставена платформа за финансирање што ја поддржува уметничката пракса низ визуелните уметности, музиката, литературата, сценските уметности, архитектурата, дизајнот и филмот, се наведува во соопштението.
За циклусот од 2026 година, како што посочуваат од Британскиот совет , програмата ВПК ќе додели приближно 1,3 милиони фунти за поддршка на меѓународната културна соработка.

-Во самото срце на мисијата на Британскиот совет лежи длабоко верување во трансформативната моќ на културната размена- рече Клер Сирс, директорка на Британскиот совет за Западен Балкан.
Програмата за грантови „Врски преку културата“, како што се посочува во соопштението, гради долгорочни и значајни партнерства меѓу нашите земји, со што им се овозможува на уметниците и креативните професионалци директно да се вклучат во ко-креирање и соработка.
Апликациите за циклусот 2026 се отворени за креативните професионалци, културни практичари, уметници, креативни центри, фестивали, биенала и организации. За да бидат подобни за финансирање, проектите мора да вклучуваат барем еден партнер со седиште во Обединетото Кралство и еден партнер законски регистриран во Македонија. Уметници, креативни професионалци и организации од Македонија ќе имаат право на финансирање до 10.000 фунти.
Од Британскиот совет посочуваат дека соодветните активности вклучуваат ко-креација, резидентни програми, истражување и развој, колаборативни изложби и јавни програми.
-Подобни кандидати вклучуваат: уметници и креативни професионалци; уметнички и културни организации; фестивали и биенала; културни практичари; креативни центри, мрежи и колективи и организации што работат во областа на уметноста, културата и креативните индустрии, се истакнува во соопштението.
За да им помогне на потенцијалните кандидати подобро да ги разберат критериумите за аплицирање и да подготват конкурентни предлози, Британскиот совет ќе организира серија информативни сесии водени од менаџери за уметност во земјите учеснички.
Информативни сесии за апликанти од сите земји учеснички ќе се одржат: во вторник, 30 јуни, 15:00–16:30 (BST) – Глобална информативна сесија, во среда, 1 јули, 10:00–11:30 (BST) – Глобална информативна сесија за апликанти во визуелни уметности, архитектура, дизајн, мода и занаети, како и организатори на фестивали и биенала и во среда, 1 јули, 15:00–16:30 (BST) – Глобална информативна сесија за проекти во креативни технологии, вклучувајќи дигитална уметност, XR/имерзивни технологии и видео игри, како и апликанти во визуелни уметности, архитектура, дизајн, мода и занаети, фестивали и биенала.
Регистрацијата за информативните сесии е достапна на веб-страницата на Британски совет.
Крајниот рок за аплицирање за програмата „Врски преку културата“ е среда, 12 август 2026 година, во 23:59 часот (BST).
