Најмалку 270 загинати и 1500 исчезнати лица по разорните поплави во Непал. Катастрофата која однесе голем број човечки животи, настапи откако огромна количина на кал и камења се урнаа во хималајската река. Најтешко погодени се регионите околу граничното подрачје Ѓиронг. Затрупани се цели села, уништена е целата инфраструктура на градот, улици, мостови и домови. Според досегашните информации, меѓу исчезнатите има 127 лица од Непал, 178 туристи од Индиа, 65 американци, 35 од Австралија и 33 од Велика Британија.
„Видов како водата однесе десетина возила во кои имаше луѓе. Беше ужасно! Тука живеам веќе две децении и до сега вакво нешто не се случило.“, вели преживеан од несреќата.
Кинеските власти предупредуваат дека се уште постои опасност на погодените подрачја – се очекуваат втор и трет бран на поплави. Голема загриженост претставува и новоформираното езеро кое се наоѓа на непалската страна од граничниот премин Ѓиронг. Езерото веќе содржи околу два милиони кубни метри вода, која почнала да се прелева, а веќе најавените врнежи за наредните неколку дена ќе придонесат уште поголем ризик од пукање на природната брана. Кинеската армија предупредува и дека околните планински падини можат да се срушат во секој момент и да предизвикаат нови лизгања на земјиштето.

„Утрово ми се јави пријател и плачеше. Кажа дека поплавата му ја уништила куќата, тројца членови од фамилијата се спасени, но се уште не можат да го најдат неговиот брат.“, изјави преживеано лице.
Иако првично се сметаше дека катастрофата настанала поради земјотрес, анализите покажуваат дека вистинската причина е масивно свлечиште кое предизвикало тресење на земјата. Потрагата по преживеани е во тек. Хеликоптери се користат за пребарување на теренот, но и за доставување на итна помош. Стручните тимови веќе подолго време ги следат опасностите во Хималаите, поврзани со климатските промени.

