Избрана е фирма која ќе ги адаптира просториите во текстилното училиште „Димитар Мирасчиев“ за отварање на Центар за рехабилитација за деца и младинци со попреченост. Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов денеска изјави дека овој центар ќе биде наменет за околу 40 лица.
– Од она кое што очекувам дека во наредниот период ќе се реализира е практично до крајот на оваа година да бидат завршени активностите поврзани со изградбата, адаптацијата на просторот кој треба на дневна основа да прифаќа некаде повеќе од 40-тина лица со попречености. Но, ова не е доволно, за да практично институциите одговорат на барањето и потребата, затоа што освен овој Центар за работа со лица со попречености, нешто кое што е неопходно е да продолжи не само локалната самоуправа, туку во соработка со ресорното министерство, Министерството за труд и социјална политика, да се планираат и да се изградат нови капацитети, затоа што верувајте дека бројот на корисници на вакви услуги од ден во ден е сè поголем и поголем-вели Јорданов.
Тој посочува дека потребата е сè поголема и поевидентна и како што вели Јорданов „ова е како една констатација во секојдневните разговори кои ги имаме пред сè со родителите на лица со попречености“.

-Јас верувам дека овие состојби кои ги имаме во општината и во државата, како институции мора да одговориме на истите и во прва фаза, еве до крајот на оваа година да успееме да го ставиме во функција овој Центар за рехабилитација на лица со попречености, а веќе паралелно на овој центар да се размислува и за нови капацитети и за нови локации кои ќе бидат во корист и во задоволување на потребите на родителите и на лицата со попречености-изјави Јорданов.
Инако, овој Центар ќе биде сместен во дел од објектот на Средното текстилно училиште, каде ќе се спроведува рана рехабилитација со поддршка од логопеди, дефектолози, физиотерапевти.Во него децата и младинците со попреченост ќе развиваат животни вештини за поголема самостојност, а активно ќе бидат вклучени и родителите. Изградбата и опремувањето на Центарот ќе чинат околу 11 милиони денари, од кои 11% треба да кокфинансира општина Штип.
