Реклама
Македонија

Ѓорѓиевски – Лосон: Британска поддршка за развојните планови на Скопје и проектот „Европска престолнина на културата 2028“

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски остварил работна средба со делегација од…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски остварил работна средба со делегација од Обединетото Кралство, предводена од британскиот амбасадор во државава, Метју Лосон, на која биле разгледани можностите за унапредување и продлабочување на соработката меѓу Скопје и Обединетото Кралство.

На средбата, како што објави на социјалните мрежи градоначалникот Ѓорѓиевски, ги презентирал развојните планови и стратешките приоритети на Град Скопје, кои се темелат на јасна визија, конкретна стратегија и долгорочни, одржливи политики насочени кон унапредување на квалитетот на живот на граѓаните. Посебен акцент бил ставен на образованието, културата, локалниот економски развој и креативните индустрии.

Соговорниците разговарале и за можностите за реализација на заеднички проекти и програми од заемен интерес, како и за размена на позитивни искуства и добри практики, особено во областа на образованието и културата.

Реклама

Во рамки на состанокот било отворено и прашањето за потенцијална соработка и поддршка во рамките на проектот „Европска престолнина на културата 2028“, вклучително и меѓународна промоција и вмрежување на Скопје со европските градови, како значаен чекор кон меѓународна афирмација на главниот град.

На средбата присуствувале и Клер Сирс, директорка на Британскиот совет за Западен Балкан, Доминик Роудс, раководител за политика во Амбасадата, како и Милан Лучиќ, раководител на Секторот за уметност при Регионалната канцеларија на Британскиот совет.