Образованието е инвестиција што секогаш се враќа. Поради што, ребалансот на буџетот воопшто не штеди кога станува збор за повисоки плати кај наставниот кадар, изградба и реконструкција на основни и средни училишта, изградба на детски градинки, изградба на училишни спортски сали и инвестиции во спортска инфраструктура, реконструкција на ученички и студентски домови, како и реконструкција и опремување на универзитетите, рече на прес-конференцијата Јулија Тушевска, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“.
Со новото прекројување на државната каса, основниот буџет на министерството за образование бележи зголемување од 1,404 милијарди денари. Во ставката плати и надоместоци, може да видиме дека предвидено е растот на просечната нето-плата годинава да достигне 8,3%. Зголемување за 1,128 милијарди денари.
17% повеќе, односно најголема промена има во ставката „инклузивно образование“, каде се предвидени нови 140 милиони денари, односно од 816 на 956 милиони денари до крајот на 2026.

За средно образование, буџетот расте за цели 205 милиони денари, а за високо образование 204 милиони денари повеќе.
Буџетот за капитални проекти е зголемен за 1,5 милиони денари, односно вкупно, 378 милиони денари, со посебен акцент на нови училишни спортски сали.
За изградба на нови основни училишта, буџетот изнесува 75 милиони денари, додека пак за изградба на нови средни улишта, 80 милиони денари.
Успешната реализација на проектите го забележа и светска банка, поради што, оттаму одобрија нов финансиски пакет за проширување на капацитетите за предучилишно згрижување, доградба и пренамена на постојните објекти, како и изградба на нови градинки, за ставање крај на проблемот со недостаток на место. Ова е само уште едно признание повеќе дека образованието е и останува на врвот на приоритети на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
