Во Собранието денеска се одржаа повеќе работни средби меѓу членовите на Меѓупартиската парламентарна група против корупција, Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања и Комисијата за финансирање и буџет со делегација на Собранието на Црна Гора, која престојува во студиска посета на земјата.
Како што информираат од собраниската прес-служба, во состав на црногорската делегација биле пратениците Јасмин Ќоровиќ и Јевросима Пејовиќ, како и претставници од Службата на Собранието на Црна Гора, кои со своите домаќини размениле искуства и мислења за парламентарните практики, со акцент на механизмите за спречување на корупцијата и унапредувањето на парламентарниот надзор.

На средбата со претставниците на Меѓупартиската парламентарна група против корупција, копретседавачката Соња Мираковска, заедно со членовите Антонијо Милошоски, Славјанка Петровска и Фатмир Битиќи, ги претставила активностите и улогата на ова неформално парламентарно тело во Собранието. Мираковска истакна дека групата брои 51 член и функционира со двајца копретседавачи, со цел да се обезбеди широка меѓупартиска поддршка во борбата против корупцијата.

Претставниците на Собранието на Црна Гора информирале дека нивното соодветно парламентарно тело има формален статус, при што беше отворена дискусија за предностите и предизвиците на двата модели на функционирање, како и за можностите за понатамошно унапредување на меѓупарламентарната соработка.

Во рамките на студиската посета се одржала и средба со членовите на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, на која присуствуваа претседателот на Комисијата, Миле Лефков, членката Калтрина Беќири и пратеникот Драган Недељковиќ. Средбата беше посветена на размена на искуства во областа на парламентарните процедури, примената на Деловникот и јакнењето на институционалниот интегритет.
Претседателот на Комисијата, Миле Лефков ги запознал членовите на делегацијата со неодамна усвоениот Етички кодекс за пратениците во Собранието, при што ги образложи неговите основни принципи, целите и начинот на примена. Тој ги информирал дека во рок од 45 дена Собранието ќе формира работно тело задолжено за следење на неговата примена и почитување.
Претставниците на Собранието на Црна Гора го поздравиле усвојувањето на Етичкиот кодекс, оценувајќи го како значаен чекор во насока на унапредување на парламентарните стандарди, транспарентноста и интегритетот на пратениците.
