Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски и министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа денеска имале работен состанок посветен на повеќе значајни теми поврзани со заштитата и унапредувањето на животната средина во главниот град.
Градоначалникот преку објава на Фејсбук вечерва информираше дека на средбата биле утврдени конкретните предизвици и недостатоци на што во следниот период ќе се работело заеднички и координирано.

– Посебен акцент ставивме на довршувањето на прочистителната станица, еден од најзначајните еколошки проекти за Скопје, кој ќе овозможи почиста река Вардар, подобра заштита на подземните води и поздрава животна средина за сегашните и идните генерации – истакна градоначалникот.

На состанокот се разговарало и за нови заеднички проекти што опфаќаат уредување и чистење на речните корита, каналите и критичните точки низ градот, со цел подобра заштита од поплави, поголема безбедност и почисто, поуредено и поздраво Скопје.

Ѓорѓиевски нагласи дека од исклучителна важност е поддршката што се добива од премиерот Христијан Мицкоски и од Владата.
– Убеден сум дека преку заедничка, одговорна и координирана работа ќе постигнеме конкретни и видливи резултати во интерес на сите скопјани. Здравата животна средина е наша обврска кон секој човек и кон генерациите што доаѓаат – заклучи градоначалникот.
