Реклама

Клековски со амбициозен план: Целосна трансформација на македонското здравство

Конфликтот меѓу САД и Иран во Ормускиот Теснец ескалира, цените на нафтата континуирано растат

Кривични пријави против три девојки кои го тепаа и го снимаа малтретирањето врз 14-годишното девојче од Куманово

Рокот истекува, договор за изборниот законик нема: Реформската агенда заложник на блокадата од СДСМ и Левица

Нафтата пламна, цените на горивата почнаа повторно да не горат, граѓаните стравуваат од нови поскапувања

Инспекторат за транспорт доби мобилни контролни центри од ЕУ

Проветрени, освежени и со нова енергија: Новиот владин тим на премирот Мицкоски стапува на сцена

Ерџан Демир нов министер без ресор

Собранието ја изгласа реконструкцијата на Владата – избрани осум нови министри

„Преку Езерото“ го раздвижи Дојран како никогаш досега – локалната власт ќе ја прошири поддршката за фестивалот

Нови авио-правила од 2027: бесплатен рачен багаж и до 600 евра за задоцнет лет

Мисајловски: Реконструкција и градежна офанзива во повеќе касарни

Македонија

Русјаков: Уметноста се создава од љубов и се консумира од љубов

Трета година по ред македонскиот писател, режисер и сценарист Александар Русјаков е…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Трета година по ред македонскиот писател, режисер и сценарист Александар Русјаков е дел од работилниците за млади филмски автори „Нови бранови“ во рамките на Фестивалот за медитерански и балкански филмови „Преку езерото“.

На овие работилници младите може да ги развијат своите филмски идеи и да ги усовршат своите сценарија, а избраните проекти добиваат финансиска помош од фестивалот за нивна реализација.

– Целта е многу едноставна и таа цел треба да ја имаат сите македонски филмски фестивали, вклучително и Агенцијата за филм – да им се помогне на младите филмски автори, кои сега почнуваат да бидат автори – значи, студенти, дебитанти, дипломци, да го создадат своето прво дело, првиот краток филм. На оваа работилница тие конкурираат со своите проекти. Секоја година имаме по два-три проекти. На крајот, ние избираме еден или два, во зависност од тоа каква е конкуренцијата, и фестивалот им го финансира филмот и тие го сработуваат. Досега се продуцирани четири кратки филма, два беа премиерно прикажани минатата година, еден веќе беше прикажан на почетокот на отворањето на фестивалот и еден ќе биде прикажан на затворањето. Тоа се одлични кратки филмови на исклучителни млади луѓе, кои сакаат да ги остварат своите соништа, а филмските соништа се најтешки за сонување – вели Русјаков.

Реклама

Темите со кои се занимаваат идните македонски режисери се бескраен избор на идеи, вели тој, во која сличните приказни се обработуваат со различна креативност што секој си ја носи со себе.

 – Тоа е еден бескраен избор од теми и мене ми е драго за тоа затоа што никој од нив не се држи до некоја конкретна тема. Македонскиот филм сè уште плива во некоја, да ја наречеме, соц-реалистичка или социјална приказна, но како што доаѓаат младиве автори, кои веќе снимале долгометражни филмови, гледаме дека темите се прошируваат. Така и кај овие млади луѓе. Времето е променето, времето е забрзано, доаѓаат нови генерации, доаѓаат нови приказни. Светот се менува нестварно бргу, јас со своите години веќе не можам ни да го пофатам. Нашите генерации цело време знаат да кажат – леле, леле какви се новите генерации, какво е ова време… Ние не разбираме дека ова време за нас е чудно затоа што нашето време истекува, а нивното време доаѓа. Тие секако ќе си се снајдат во нивното време. Така што темите се разновидни – од љубов, до психологија, до авангарда, преку фантастика… – вели Русјаков.

Последниот филм што ќе се прикаже на затворањето, додава тој, ќе биде приказна за иднината, практично спаѓа во жанрот фантастика, односно киберпанк.

– Така што, има многу теми, секој автор е своја приказна и секој автор ги раскажува своите приказни, па дури и кога раскажуваат слични приказни, бидејќи тоа се различни души, различни креативности. Тие слични теми им се поинаку раскажани – смета Русјаков.


Кај нас, за жал, не се посветува доволно внимание на студентските филмови и на нивната поддршка, затоа и ваквите иницијативи во вид на работилници за филмови се од голема корист – смета македонскиот режисер.

-Јас овде ја водам работилницата за сценарија, а во Скопје имам проект за работилница за креативно пишување и морам со разочарување да кажам дека многу малку внимание се посветува на младите. Не дека во мое време некој нам ни посветуваше многу внимание, секој се бори за својот пат и тоа не е лошо. Но, јас, бидејќи комплетно се вложувам во работата со нив, со сето срце, со сиот ум, сфаќам дека ним тоа им е потребно и тие самите возвраќаат со многу енергија и го сакаат тоа – додава Александар.

Брзиот технолошки развој секако си го наоѓа патот и во филмскиот свет, вели Русјаков, и неодминливо остава белег во филмскиот процес.

– Развојот на технологијата е дел од животот на младите и нивното секојдневие. Тука е вештачката интелигенција, тука се сите тие модерни технологии, но тие тоа го живеат. Сите се чудеа кога се појавија мобилните телефони, кога од фиксни прејдовме на мобилни и сите ние тогаш, кога се случи тоа, го прифативме затоа што е дел од стварноста и не можеме да се преправаме дека не нè опкружува. Така што, да, брзиот технолошки равој се одразува и во филмската работа. Само со таа разлика што нам на кои ни завршува времето нè шокира, а младите не – истакнува Русјаков.

Тој исто така не смета дека има огромен пад на интересот за читање кај младите поради приматот што го има технологијата, па се губи класичниот интерес за книгата и за пишаниот збор. Напротив, вели, поддржувач е на ставот дека кој сака да чита, ќе чита и понатаму.

– Сите го тврдат тоа, а јас инаетливо се спротивставувам. Од една проста причина – кога јас растев и кога се образовав и се градев како уметник, јас читав, а 95 проценти од тие околу мене не читаа. Сега кога работам со младите луѓе во делот на книжевноста или конкретно со идните режисери и сценаристи, повторно 5 проценти од нив читаат, а другите не. Мислам дека тоа е секогаш така. Треба да се постави прашањето што правиме со фактот дека има сè повеќе книжарници и сè повеќе издаваштвото се развива. Како тоа да го споредиме? Би требало да згаснуваат по таа логика. А јас, бидејќи сум во тој свет на издавање книги, гледам дека сè повеќе има издавачки куќи и книжарници и дека сè повеќе тие што продаваат книги, добро си заработуваат за да може да живеат од тој приход. Така што, јас никогаш не сум сакал да генерализирам. На крајот на краиштата, уметноста ниту е за секого ниту па мора да му се наметнува секому. Уметноста се создава од љубов и се консумира од љубов. Не е тоа здравство или образование, кое мора секој да го има. Не сакам да кажам дека уметноста е за паметните, за интелигентните, затоа што тоа не е вистина, туку сакам да кажам дека уметноста ја создаваат оние што не може да живеат без да ја создаваат, а ја консумираат оние што не може без неа – вели Русјаков.