Информативни денови за презентирање на мерките од Оперативниот план за вработување за 2026 година денеска се одржаа во општините Струмица, Радовиш и Валандово, соопштија од Министерството за економија и труд.
Пред жителите на општините заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, директорката на Агенција за иновации, научно технолошки развој и претприемништво ИНОВА Даниела Димовска и заменик-директорката на Агенцијата за вработување Весна Пешова ги презентираа мерките од Оперативниот план, со акцент на трите подмерки од мерката за самовработување (претприемништво), каде јавните повици се објавени.
– Еден до врвните приоритети на Оперативниот план за 2026 години се отворањето на нови работни места, каде преку активната мерка за Самовработување, како и втората мерка – „Поддршка за креирање на нови работни места“ која е наменета за компаниите и ќе биде распишана набргу, предвидени се вработувања на вкупно 3.578 лица. Дека врвен приоритет за овој план е отворањето на нови работни места говори и фактот дека за отворање на нови работни места преку овие две мерки се предвидени повеќе од 32 милиони евра или 83,5 % од вкупниот буџет на Оперативниот план – кажа заменик-министерот Ристески.

Тој потенцираше дека интересот е исклучително голем за јавните повици од мерката Самовработување и дека заклучни првите три дена пристигнати се над 1.900 пријави.
На средбите со граѓаните, градоначалниците на Радовиш Љупче Почивалец, Конче Златко Ристов, Валандово Ѓоко Камчев, Дојран Илија Тентов и Струмица Петар Јанков ги повикаа жителите на овие општини да ги искористат поволностите од оваа мерка, како и од останатите мерки од Оперативниот план и да аплицираат на некој од јавните повици.
Од Министерството соопштуваат дека јавниот повик за мерката е активен до 3 јули 2026 година.
-Сите невработени лица заинтересирани можат да добијат детални информации за мерката во работните клубови на 30-те Центри за вработување на Агенцијата за вработување на Република Македонија, контакт центарот 02-3111-850 и веб-страната www.av.gov.mk. Инфо деновите продолжуваат утре со средби со граѓаните во општините Куманово, Гевгелија и Кавадарци, соопшти Министерството за економија и труд.
