Во организација на Општина Кочани и Карате клубот „Партизан“, под мотото „Пешачењето е здравје“, денеска беше реализирана рекреативна прошетка од Градскиот плоштад до Гоцева Шума.
Во прошетката се вклучија граѓани на различна возраст, поддржувачи на здравиот живот и рекреативци, членови на граѓански организации. На љубителите на пешачењето им се придружи и градоначалникот Владко Грозданов.

На локалитетот Гоцева Шума каратистите презентираа дел од нивните вештини и ги најавија претстојните активности. Каратистот Јован Арсов следната недела, во Пореч, Република Хрватска, ќе настапи на натпреварите од Светската младинска лига, во категоријата јуниори, над 76 килограми. Од средината на јули, КК „Партизан“ ги почнува подготовките за новата полусезона и за Државното првенство за кадети јуниори и У21, што ќе се одржи на почетокот на септември.

Со наградите што ги освојуваат, кочанските каратисти се меѓу најнаградуваните спортисти и се одлични репрезенти на Кочани на домашно и на меѓународно ниво.

Паузата во пешачењето, присутните ја искористија за учество во вежби за тимска работа, што ги приредија извидници од ИО „Никола Карев“ од Кочани.
„Пешачењето е здравје“ е активност од Локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите на Општина Кочани за 2026 година, чија цел е да ги промовира спортот и физичката активност како фактор за добро здравје и да ја јакне соработката со граѓанскиот сектор.
