Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на увид во градежните активности за уредување на речното корито и канал во општина Кисела Вода. Проектот се реализира со финансиски средства обезбедени директно од централниот буџет преку Министерството за животна средина и просторно планирање.
– Би сакал да истакнам дека можеби ова речно корито и овој канал навидум изгледаат скромно, но во суштина се од огромно значење за жителите од овој дел на радот Скопје и Кисела Вода бидејќи на овој начин се прифаќаат сите оние води кои во услови кога може да надојдат, прават многу големи проблеми на домовите на жителите на ова населено место и тоа се случувало во минатото. Затоа со овој проект ние практично го решаваме овој проблем за повеќе да не ни се случува – изјави Мицкоски по увидот.
Тој рече дека проектот се реализира благодарение на градоначалничката, на советниците, на администрацијата од Кисела Вода и на сите што имале некаков удел.

– Исто така, сакам да им се заблагодарам на Министерството за животна среда и просторно планирање, на министерот, на заменик-министерката и на сите што се вклучени во реализација на овие проекти, на сите колеги од Владата, затоа што на овој начин практично ние реализираме или вкупно ќе бидат реализирани повеќе од 1.200 проекти, нешто што досега се нема случено во независна Македонија. Повеќето од тие проекти се во фаза на реализација, некои се веќе завршени, други ќе почнат. Така што, она што го почнавме кога бевме избрани како Влада, еве продолжуваме да го реализираме и ценам дека на овој начин драматично го подобруваме квалитетот на живот на граѓаните – рече премиерот.
Додаде дека овој проект е вреден речиси 60.000.000 денари, а веќе следната недела ќе почне нов проект од 40.000.000 денари.
– Кога на тоа ќе се додадат и тековните проекти, мислам дека со овие трансфери од централниот буџет кон општините не само што им помагаме на општините туку директно и на граѓаните – потенцира Мицкоски.
Градоначалничката на општина Кисела Вода истакна дека станува збор за реконструкција на речното корито на каналот „Мала Рада“.
– Овој наш проект, кој се реализира со поддршка на Владата на Република Македонија, можеме да кажеме дека е целосно завршен. Станува збор за реконструкција на дното и страните, бетонските потпори, но исто така и облагородување на просторот со урбана опрема. Од еден простор, каде што во минатото немаше можности за сигурност и безбедност од несакани поплави, место каде што немаше простор за уживање и релаксација, денес со една заедничка работа имаме простор што нуди безбедност за граѓаните на општината и навистина место за пријатно уживање и релаксација – рече Стаменковска-Трајковска.
Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска истакна дека овој проект што денеска го официјализираат како завршен е само уште една потврда дека инвестирањето во животната средина и инфраструктурните објекти се проекти на иднината, односно проекти во интерес на граѓаните и подобрување на животот на граѓаните.
– Во овој случај, на подобрување на животот на граѓаните во општина Кисела Вода, тоа е Драчево. Имено, станува збор за проектот во вредност од речиси 58 милиони денари. Проект што го реализиравме во две фази и целосно е финансиран со средства од Владата на Македонија преку МЖСПП. Се бетонира дното на речното корито, се поправаа, се градеа потпорните ѕидови, поставено е ново улично осветление, а на дел од коритото, односно на дел од реката да речам, поставена е и урбана опрема. Така што, ова станува едно модерно место, кое верувам дека во значителна мера ќе придонесе и за подобрување на животот на граѓаните – реше Лашкоска.
Најави дека Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата сè уште остануваат најдобрите партнери на општините.
– Проектите што ги почнавме во периодот кога дојдовме пред две години веќе сега се финализираат и можеме полека, полека во целата држава, да го видиме нивниот крај. Нашата цел е развивање на општините и подобрување на животот на граѓаните во секоја општина, така што и во наредниот период ќе продолжиме и со почнување проекти и со одбележување при нивно завршување – рече таа.
Најави дека наредната недела ќе биде распишан уште еден тендер или јавен повик за изградба на проект за подобрување на системот за водоснабдување во руралната населба Каменик, општина Кисела Вода. Во прва фаза вредноста на проектот би била приближно 41 милион денари, средства од МЖСПП, а втората фаза ќе остане обврска на Општината.
