Премиерата на филмот „Саљман“ ја одбележа филмската вечер во рамките на Културно лето на Чаир 2026, соопштија попладнево од локалната самоуправа.
– Во рамките на манифестацијата Културно лето на Чаир 2026, синоќа, на плоштадот Скендербег, се одржа премиерата на албанскиот филм „Саљман“, која привлече голем број граѓани и љубители на филмската уметност. Филмот, во режија, според сценарио и во продукција на Ментор Нуредини, беше пречекан со голем интерес од публиката. Главните улоги ги толкуваат Ментор Нуредини, Висар Етеми, Блерим Дардишта, Бејтула Керими и Илбер Муртези, кои на публиката ѝ приредија квалитетно филмско остварување – информираа од Општина Чаир.
Од Општината истакнаа дека филмската вечер уште еднаш го претворила плоштадот Скендербег во простор каде што уметноста и културата ги обединуваат граѓаните потврдувајќи го големиот интерес за културните содржини што ги нуди манифестацијата.

– Со овој настан беше заокружена и претпоследната вечер од Културно лето на Чаир 2026, а вечерва, со големиот концерт на Лабинот Тахири – 100 % LIVE и настапот на DJ Electron ќе се одржи свеченото затворање на годинешното издание на манифестацијата – информираа од локалната самоуправа.
