Почна целосната реконструкцијата на улицата Борис Кидрич во Штип, која е една од главните сообраќајници и поврзува неколку населби и индустриската зона со централното градско подрачје. Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов и директорот на ЈП „Исар“-Штип, Александар Арсовски на денешната прес-конференција истакнаа дека станува збор за една амортизирана улица, која во минатото никогаш темелно не била реконструирана и затоа секоја година има проблеми со самата сообраќајница, односно има постојано дефекти на водоводната линија и прекопи на самата улица.

-Затоа одлуката за целосно да се реконструира улицата Борис Кидрич од зграда „Промаја“ до крстосница „Дујле“ ја донесовме во период кога имаме најмала фреквенција во централното градско подрачје, односно кога е завршена учебната и академската година. Во име на ова, сакам да ги замолам жителите, граѓаните на општина Штип, сите кои ја користат оваа улица, за трпение затоа што првичната фаза која што деновиве ќе се работи предвидува ист сообраќаен режим, без позначајна промена-вели Јорданов.

Јорданов најави дека од 25 јули ќе има целосно и делумно затворање на главната сообраќајница Борис Кидрич од зграда „Промаја“ до крстосница „Дујле“, за да може Јавното претпријатие „Исар“ да работи на подземната инфраструктура.

-Повеќе од 60 години оваа улица има застарена подземна инфраструктура. Свесни сме дека ова ќе предизвика потешкотии во сообраќајот, нервози кај граѓаните, но сите улици кои ги работиме ги работиме темелно за да наредните 10, 20, 30 години немаме никакви потешкотии во функционалноста на нашиот град-изјави Јорданов.
Промената на подземната инсталација, асфалтирањето на улицата, изградба на тротоарните површини на штипската улица „Борис Кидрич ќе чинат 3,5 милиони денари. Директорот на ЈП „Исар“- Штип, Арсовски додаде дека во рамките на овој проект ќе се мени старата подземна цементно-азбестна инстралација во должина од 360 метри, а ќе бидат опфатени и 60 приклучоци.
