Реклама

Од први септември стартува градскиот воз, големата кражба нема да го попречи планот

Чешиново-Облешево ќе добие прв центар за рехабилитација на штркови

Дивите депонии го гушат Охрид – екоактивистите апелираат да се казнува

Владата е подготвена да интервенира доколку има значителни промени на светските берзи на нафта

Скопје се сеќава – 63 години од катастрофалниот земјотрес

Гостивар утре ќе добие технички исправна вода

Девет дена без чиста вода во Гостивар

Истокот ги санира последиците од невремето

Забрзано се гради автопатот Охрид – Кичево, се работат најкомплицираните 10 километри

Американските царини го тресат светскиот пазар

Македонија и натаму земја со најниски цени на горивата во регионот и без рестрикции

Охрид пред нов испит – експертите оптимисти, Пецаков најавува работа

Македонија

Почина познатиот актер Гоце Тодоровски

Познатиот македонски актер Гоце Тодоровски почина синоќа на 75-годишна возраст.  Тажната веста…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Познатиот македонски актер Гоце Тодоровски почина синоќа на 75-годишна возраст. 

Тажната веста ја соопшти неговата ќерка Сашенка преку социјалните медиуми.

– Го изгубивме, се предаде Гоце Тодоровски, почина, фамилијата Тодоровски ја објавува најтажната вест, по голема борба, го напушти овој свет, лесна ти земја, татко мој, вечен непребол. Душата не умира, а телото е премногу истрошено сега, летај со ангелите…. –  објави ќерка му.

Реклама

Гоце Тодоровски е роден на 30 април 1951 година во Кичево. По завршувањето на Факултетот за драмски уметности при Универзитет „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, во класата на професорот Илија Џувалековски, се вработил во Драмскиот театар во Скопје. Подоцна бил гостин и во други театарски куќи, беше дел од бројни театарски престави, телевизиски серии, филмови, хумористични радио емисии.

Драмскиот театар денеска соопшти дека на 75-годишна возраст почина Гоце Тодоровски, пензиониран актер и долгогодишен член на ансамблот на Драмски театар Скопје. Со неговото заминување, велат оттаму, македонскиот театар, филм и телевизија загубија уметник чиј талент речиси половина век беше дел од колективната меморија на публиката.

-Гоце Тодоровски не ја бараше наклонетоста на гледачите. Ја освојуваше уште со првото појавување на сцената. Неговата игра имаше ретка непосредност: прецизен актерски ритам што изгледаше сосема природно, жива мимика, препознатлив гест и оној мангупски шарм со кој умееше да ја пренесе играта од сцената во гледалиштето. Неговата комика никогаш не беше само ефект. Зад смеата стоеја дисциплина, инстинкт и длабоко разбирање на човечките слабости – се вели во соопштението.

Основното, средното и високото образование ги заврши во Скопје, а во 1976 година дипломира на Отсекот за драмски актери при Вишата музичка школа. Уште како студент учествувал во продукции на Драмски театар Скопје, каде што во 1978 година станува постојан член на ансамблот. Во Драмски останува до пензионирањето во 2018 година, оставајќи зад себе четири децении посветеност на театарот што беше негов уметнички дом.

На матичната сцена оствари 43 улоги во претстави од различни жанрови. Неговата театрографија започнува со „И бол и бес“, а низ годините ги создаде Цанде во „Солунски патрдии“, Помалиот брат во „Чудото на Свети Ѓорѓи“, Мачорот Џингискан во „Мачорот Џингискан и Мики Траси“, Ачко во „Викенд на мртовци“, Питу во „Сара Бернар“, сер Тоби Ждригало во „Ноќ спроти водици“, Петар во „Собирен центар“, Главниот во „Ова не е американски филм“, Панталоне во „Арлекин или Слуга на двајца господари“, Осман-бег во „Ладало“ и многу други. Ставре во „Како да се ограби банка“, беше неговата последна улога на сцената на Драмски театар.

Тодоровски беше дел од три претстави што прераснаа во вистински театарски феномени: „Солунски патрдии“, „Болва во уво“ и „Викенд на мртовци“. Секоја од нив живееше на сцената повеќе од две децении, со генерации гледачи што ги знаеја ликовите и репликите речиси како дел од сопствените семејни приказни. Во „Солунски патрдии“, критиката неговата изведба ја опиша како речиси самостојна артистичка вечер, истакнувајќи ја леснотијата со која се преобразуваше од лик во лик и свежината и неповторливоста на неговите комични нијанси.

Иако природно надарен за комедија, неговиот актерски опсег беше далеку поширок. Ангеле во „Лет во место“, во режија на Слободан Унковски, Питу во „Сара Бернар“ и неговите улоги во „Ревизор“, „Собирен центар“ и „Ова не е американски филм“ откриваа актер способен истовремено да ги носи светлината и темнината на еден лик. Зад разиграноста постоеја меланхолија, ранливост и прецизно чувство за драмскиот миг. Во тоа се состоеше неговата големина: никогаш да не го претвори ликот во карикатура, дури и тогаш кога салата се тресеше од смеа.

Неговото присуство одамна ги имаше надминато границите на театарската сцена. Учествуваше во повеќе од шеесет филмски и телевизиски продукции, меѓу кои „Црвениот коњ“, „Среќна Нова ’49“, „Викенд на мртовци“, „Пред дождот“, „До балчак“, „Ослободување на Скопје“, „Ругање со Христа“, „Преспав“ и „Бистра вода“. За многумина останува неразделен дел и од „Бушава азбука“, „Хихириху“ и „Македонските народни приказни“, во кои со години создаваше ликови што влегуваа во домовите и растеа заедно со неколку генерации.

Со Ванчо Петрушевски, Благој Чоревски и Ѓорѓи Колозов ја основаа комично-сатиричната театарска трупа „Модро окце“. Работеше и со македонската заедница во Австралија, каде што режираше и играше во претстави на театарот „Бумеранг“, пренесувајќи го македонскиот јазик и театар далеку од матичната сцена.

За улогата на Цанде во „Солунски патрдии“ во 1980 година ја доби наградата за најдобро актерско остварување на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Во 1986 година е прогласен за најпопуларно телевизиско лице, во 2020 година ја добива наградата „Свети Јоаким Осоговски“ за значаен придонес во театарот и уметноста, а во 2023 година е одликуван со Орден за заслуги за Република Македонија. Во 2025 година, фестивалот „Војдан Чернодрински“ му ја додели Наградата за животно дело, признание за актерскиот пат што одамна беше станал дел од историјата на македонскиот театар.

-За Драмски театар Скопје, Гоце Тодоровски не беше само еден од најдолговечните и најсакани членови на ансамблот. Тој беше дел од неговиот идентитет, од времето кога претставите се играа со децении, кога билет повеќе се бараше со недели и кога актерите стануваа дел од животот на својата публика. Зад него остануваат улоги што ќе продолжат да живеат во сеќавањето на гледачите, архивските снимки на кои повторно ќе нè насмее и онаа особена тишина што останува кога од сцената ќе замине актер кој никој не може да го замени. Драмски театар Скопје изразува длабоко сочувство до неговото семејство, блиските, колегите и до многубројната публика што го сакаше. Гоце, ти благодариме за секоја претстава, за секој лик и за секоја насмевка – нагласуваат од Драмски. 

Тодоровски е добитник на бројни награди, а минатата година ја доби државната награда „23 Октомври“ во областа на културата и уметноста.