Силното невреме што попладнево го зафати Скопје предизвика поплави на повеќе локации низ главниот град. На социјалните мрежи се споделуваат видеа на кои се гледаат поплавени улици и автомобили заглавени, па дури и потонати во вода, додека на одредени сообраќајници движењето е значително отежнато.
По невремето, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека Кризниот штаб е целосно мобилизиран, а екипите на јавните претпријатија се на терен и подготвени за брза интервенција доколку има штети, поплави или потреба од итна реакција.
Како што информира Ѓорѓиевски, градските служби се во постојана координација со Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи, ЕВН, Противпожарната бригада на Град Скопје и сите надлежни институции, со цел навремено да се реагира и да се спречат поголеми последици.

Тој посочи дека сите расположливи капацитети се ставени во функција и дека екипите на Град Скопје ќе останат на терен во текот на целата ноќ, интервенирајќи секаде каде што ќе биде потребно.
„Не можеме да го запреме невремето, но можеме организирано, одговорно и заеднички да спречиме поголеми штети. Ги повикувам граѓаните на внимателност, смиреност и соработка со надлежните служби. Службите се на терен. Граѓаните не се сами“, порача Ѓорѓиевски во својата објава.
Видеата од поплавите може да ги погледнете на следните линкови: Линк1 Линк2
