Дојранското Езеро повторно се полни со вода од пумпите на Хидросистемот „Ѓавато” во Богданци, и дотурот на вода во езерото ќе продолжи без застој. Информацијата ја потврдија од Хидросистемот “Ѓавато” од каде велат дека во моментот се влеваат 200 литри во секунда, а во текот на денот или утре ќе се пушти дополнителна количина, со што ќе се зголеми дотурот на вода во езерото.

– Водата се пушти во саботата, бевме на терен и проверивме дека се е во ред. Попатно немаме загуби на вода, браната Паљурци е полна, така што нема потреба за таму да се полни. Имаше еден вентил со кој долевавме вода во браната, и тој се санираше, така што сега е во ред. Ни беа потребни 20 часа за да го наполниме цевководот, бидејќи беше празен со оглед на тоа што шест месеци не работеше системот. Обично по прекин на работата во период од 10 до 15 дена, побрзо се полни цевководот, но сега се работеше за подолг период и затоа беше потребно повеќе време – објаснија од Хидросистемот “Ѓавато”.

Оттаму велат дека август и септември се месеците кои низ годините наназад биле најкритични за Дојранското Езеро, бидејќи тогаш се случуваат најголеми испарувања поради високите температури и отсуството на врнежи.

Според последните информации од Управата за хидрометеоролошки работи, моменталното ниво на езерото изнесува 145,26 метри надморска височина, а договорениот минимум е 146,13.
