Членовите на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на денешната десетта седница едногласно ја изгласаа предлог-одлука за основање работна група за следење на примената на Кодексот за етичко однесување на пратениците во Собранието.
Претседателот на Комисијата, Миле Лефков, образложи дека по доставените предлози од координаторите на пратеничката група, Комисијата ги разгледала и ја донела предлог-одлуката.
– За членови на работната група за следење на примената на Кодексот за етичко однесување на пратениците во Собранието се предлагаат Дафина Стојаноска, Зеќирја Таири, Весна Бендевска, Фатмир Битиќи, Дијана Тоска, Борислав Крмов. За заменици на членовите на работната група се предлагаат Љупчо Пренџов, Мимоза Муса, Бобан Карапејовски, Јована Тренчевска, Сали Мурати, Јована Мојсоска. Работната група од редот на членовите избира претседавач, а од редовите на замениците членови избира заменик на претседавачот-рече Лефков.

Тој кажа дека е водено сметка да се запази да има по тројца пратеници од позиција и опозиција и еднаков однос помеѓу жените и мажите. Комисијата едногласно ја усвои одлуката.

Комисијата ќе продолжи да работи во текот на денот на паузата од денешната пленарната седница посветена на пратенички прашања. Претседателот на Комисијата, Миле Лефков ја прекина седницата откако пратеникот Горан Мисовски достави забелешки за втората точка – предлог упатство за примена на кодексот за етичко однесување на пратениците во Собранието.
Забелешките како што рече Мисовски се конструктивни, а Лефков нагласи дека ќе бидат разгледани од комисијата која ќе продолжи со работа за време на паузата од пленарната седница. Во образложението, Лефков рече дека примената на кодексот се спроведува со упатство кое го донесува Комисијата за деловничко и мандатно – имунитетни прашања во рок од 45 дена, потсетувајќи дека рокот истекува утре. Тој потенцираше дека непосредно пред почнување на седницата, пратеничката група на СДСМ доставила забелешки.
– Важно е денеска во текот на денешниот ден да се донесе упатството за да биде почитуван рокот којшто е предвиден со законот-рече Лефков. Тој кажа дека координаторите се информирани.
Пратеникот Горан Мисовски од име на пратеничката група на СДСМ и коалицијата ги прочита забелешките, за кои смета дека ќе обезбедат, како што наведе појасна, попрецизна и поефикасна примена на Уставот. Образложувајќи ги забелешките и конкретните предлози рече дека сметаат дека претседавачот на работната група треба да биде од редовите на опозицијата затоа што комисијата ја води позицијата. Побара и измена на членот 11 став 2 и да гласи „на првата седница работната група од редот на своите членови избира претседавач од редот на членовите предложени од опозицијата, а од редот на замениците членови, избира заменик-претседател, предложен од владејачката коалиција. Тој побара да остане член во упатството, за како што вели, „да не се изигра носењето на одлука на паритетна основа“. Во забелешките, побара да се додаде член со кој, ако има изедначени гласови, одлучувачки да биде гласот на претседавачот на работната група, рокот за поведување на постапка да се сведе на еден месец, пратениците да имаат увид во предметот – доказите и материјалите и приговорот да се доставува преку работната група.
-Самото донесување на кодексот е поврзано со забелешките на ГРЕКО, имавме добра соработка на ниво на сите политички партии, во целиот процес додека траеше. Во тој дух ќе го продолжиме и денешниот ден. Благодарам на забелешките ќе оставам време истите да можат да бидат разгледани, затоа што практично беа поднесени пред почетокот на седницата. Меѓутоа кратки се роковите, рече Лефков и ја прекина седницата со најава дека ќе продолжат попладне за време на паузата од пленарната седница, со дискусија за дадените забелешки по одредени консултации.
И пратеникот Сали Мурати најави дека ќе достави забелешки.
