Две нови субвенции, за набавка на пелети за огрев за домаќинствата и за полагање возачки испит, ќе бидат воведени во следниот период во општина Карбинци. Градоначалникот на Карбинци, Виктор Паунов на денешната прес-конференција истакна дека на овие мерки се работело еден месец, а предвидено е да бидат објавени во текот на септември. Тој потенцираше дека за набавката на пелети субвенционирањето ќе биде во висина околу 12.000 денари, а субвенционирањето за полагање возачки испит 10.000 денари по лице.
-Ја информираме јавноста дека општина Карбинци воведува неколку новитети кои што се во интерес на граѓаните на жителите на општина Карбинци. Имено, се работи за две нови субвенции кои што во следниот период ќе бидат имплементирани во општина Карбинци. Едната од нив е субвенционирање за набавка на пелети за огрев за домаќинствата. Ова е мерка која што подолго време ја размислувавме, ја ветивме во Програмата и ќе биде предмет на имплементација во следниот период. Се планира некаде месец септември да биде објавен овој повик, а она што ќе биде вклучено во повикот ќе бидат објавени претходно документите за истото. Општината работи месец дена на оваа мерка, ќе се работи за субвенционирање некаде од висина од 20% или не повеќе од 12 000 денари по домаќинство што сметаме дека навистина е од голема помош и поддршка за граѓаните оваа мерка-рече Паунов
Паунов додаде дека втората мерка за полагањето возачки испит, се планира да биде воведена во периодот од следната година. Во оваа мерка, како што вели, ќе бидат опфатени младите, на возраст од 18 до 25 години.

– Онаа втора мерка која што сакам денес да ја најавам, а ќе биде имплементирана во периодот од 2027 година, исто така суштински важна за целна група, еве младите од општина Карбинци ќе биде субвенционирање за полагање на возачки испит. Ќе бидат опфатени младите луѓе од возраста од 18 до 25 години, а она што е важно е дека Општината го субвенционира трошокот за полагање возачки испит Б категорија во висина од 10 000 денари по лице, кое исто така очекувам дека еве со оваа мерка ќе можеме да помогнеме пред се на домашниот буџет на секое лице кое што ќе ја користи. Но, од друга страна и ќе стимулираме секое едно младо лице се стекне со возачка дозвола и да се намали бројот на возачи коишто управуваат моторно возило без претходно соодветни документи – додаде Паунов.
Градоначалникот Паунов смета дека двете мерки се од голема помош и поддршка за граѓаните на општина Карбинци и за домашниот буџет, како и за стимулирање на младите, при тоа стекнување на возачка дозвола и намалување на бројот на возачи без соодветни документи.
