Висока делегација на Вооружените сили (ВС) на СР Германија, предводена од началникот на Генералштабот, генерал Карстен Бројер, престојува во дводневна официјална посета на Армијата и на државата.
Генерал Бројер претпладне ќе биде пречекан со високи воени почести во Генералштабот на Армијата, по што ќе оствари средба со својот домаќин, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, како и со министерот за одбрана Владо Мисајловски. По официјалните разговори помеѓу двете делегации предвиена е заедничка изјава за медиуми од генералите Лафчиски и Бројер.
– Во рамките на посетата, генералот Бројер ќе оствари средби и со претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Владата Христијан Мицкоски – најави Генералштабот на македонската Армија.
