Премиерот Христијан Мицкоски со критики до опозицијата, обвинувајќи ја дека ги блокира реформите и усвојувањето на Изборниот законик, иако, како што наведува, законот бил усогласуван со месеци и во него биле прифатени сите нивни предлози.
„Истите тие кои ја крадеа, распродаваа и понижуваа Македонија, сега грчевито се борат да ја блокираат. Исплашени се дека, по декемврискиот извештај, сега и во јунскиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјите од Западниот Балкан повторно ќе бидеме најдобри… Но, имам лоша вест за нив и нивните коалициони леви партнери: Македонија ќе ве победи вас и вашите блокади. Повторно ќе добиеме најмногу буџетски средства и повторно ќе добиеме најмногу отворени фондови за финансирање на проекти“, објави Мицкоски.
Според Мицкоски, единственото барање на Владата било македонската дијаспора да добие можност да гласа по електронски пат уште на следните претседателски избори. Тој тврди дека опозицијата првично го прифатила предлогот, но подоцна го блокирала законот.

„Блокираат закон кој со месеци го договараа. Закон во кој им прифативме сѐ што предложија. Единственото нешто што побаравме е дијаспората да може да гласа по електронски пат уште на следните претседателски избори. Прво го прифатија, а денес го блокираат и бараат бледи алиби-аргументи. Предложете амандмани со кои барате корекција на начинот на заокружување и поднесување приговори. Веднаш ќе ги прифатиме. Повлечете ги другите амандмани и да го изгласаме Изборниот законик“, порача Мицкоски.
Премиерот наведува дека опозицијата се обидува да ја блокира државата, но изразува уверување дека Македонија ќе продолжи успешно да напредува на европскиот пат. Тој посочува дека очекува земјата повторно да добие позитивни оценки во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјите од Западен Балкан, како и најголем дел од расположливите европски средства и фондови за финансирање проекти.
Мицкоски нагласува дека дијаспората треба да добие право на електронско гласање и оценува дека тоа е чекор кон модернизација на изборниот процес. Воедно, ја повика опозицијата да ја поддржи, како што вели, европската иднина на државата преку спроведување реформи.
Целата објава може да ја погледнете на следниот линк:
