Реклама
Македонија

Мицкоски: Соседна држава шири теза ЕУ да ја сопре финансиската помош за Македонија за таа да клекне и да го исполни барањето, а истата опасна теза ја шири опозицијата во земјава

Соседна држава шири информација ЕУ да не и помага финансиски на Македонија,…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Соседна држава шири информација ЕУ да не и помага финансиски на Македонија, да и се скратат сите фондови како ЕУ, затоа што ако и помага, Македонија ќе напредува, а во спротивно, ако нема ЕУ фондови за земјава, тогаш ќе дојде пред банкрот, ќе биде приморана да клекне, да моли и на тој начин да се реализира тоа коешто се бара од нив. Ова го соопшти денеска  премиерот Христијан Мицкоски од собраниска говорница врз основа на сознанија од мултилатерални и билатерални средби, без да открие која соседна држава ја шири оваа теза, а е членка на ЕУ.

Во одговор на пратеничко прашање за обвинувањата од опозицијата дека Македонија е пред банкрот, Мицкоски се надоврза дека токму тоа се тезите и на македонската опозиција.

-И ова е многу опасна теза којашто денеска ја шири опозицијата. А фактот е дека оваа Влада ги сервисира сите обврски преземени од претходната влада. Не се чека ни ден, ни милиметар во којабило област, дали е тоа Министерството за внатрешни работи, дали е тоа во одбраната или е тоа по некоја основа во другите ресори. Во Министерството за транспорт сега ги префрливме проектот за Коридорот 8 и 10Д, во Јавното претпријатие за државни патишта, железницата од коридорот 8 итн. Вклучително и оние обврски, како солидарниот данок, обврски коишто беа од претходната влада на начин на којшто јавноста следеше, практично се одземаа пари од компаниите, иако тврдевме дека е неуставно, дека ќе имаме проблем и тоа ние го враќаме, рече Мицкоски во одговор на прашање од пратеничката Благица Ласовска.

Реклама

Додаде дека тоа се однесува и за пресуди коишто доаѓаат од Европскиот суд за човекови права кои што се десет или петнаесет години стари, а кои, вели, исто така, ги враќа оваа Влада. 

-И не очајуваме, не кукаме, не држиме прес-конференции да велиме „вака било – така било“, тоа е нашата обврска и ние таа обврска си ја следиме со сите предизвици со коишто располагаме и резултатите ги кажавме, со бројки коишто ги објавува Меѓународниот монетарен фонд. Јасно се вели, за трипати помал долг и за трипати пократко време, имаме раст на номиналниот Бруто домашен производ за 140 милиона долара повеќе од претходната влада – сподели Мицкоски.

Притоа рече дека знае, дека некој не сака да ја гледа успешна Македонија, консолидирана, како си ги завршува своите обврски, прави реформи, и е, вели, прва во испорака на европската агенда. 

-Еве уште од сега ви најавувам дека и во јуни ќе бидеме први, информацијата ќе стигне септември-октомври и еве уште сега ви најавувам. Следна цел ќе ни биде во декември да бидеме повторно најдобри. Тоа е нашата цел и ние така функционираме, да направиме пристојна убава држава со којашто нашите потомци, оние коишто доаѓаат по нас, ќе се гордеат. За тоа треба време, затоа што разорен е ефектот на погрешните политики на претходната влада. Разорен е, девастирачки, катаклизмичен по кој било основ. За тоа треба време. Но, приоритет по приоритет, визави ресурсите со коишто располагаме, ги решаваме тие недостатоци коишто ги наследивме – одговори премиерот Мицкоски.