Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања, одговарајќи на обвинувањата од страна на претседателот на СДСМ, Венко Филипче за зголемување на јавниот долг, истакна дека доколку се направи споредба со владеењето на СДСМ, оваа Влада, за три пати помало задолжување, за три пати пократок период, остварила за 140 милиони долари поголем БДП во номинални параметри.
-Во ред е вашата кампања која што ја водите, во ред е што ги цензурирате коментарите на социјалните медиуми, во ред е што ви поставуваат нарачани прашања, а на тие коишто се објективни не одговарате од партиската говорница, но овдека ќе мора да ги слушнете вистинските факти и бројки, а тие се следни: кога веќе зборувате за јавниот долг, имате какви-такви економисти околу вас, ќе ви дадат одговор што значи зголемување на јавен долг, но истовремено што значи зголемување на номинален БДП. Јас ќе се обидам да ви објаснам. Време на СДСМ, 1-ви јануари 2018-та година до 31 декември 2023 година, јавниот долг од 4,78 милијарди евра, зголемен на 8,47 милијарди евра или нето износ 3,69 милијарди евра. Влада на ВМРО-ДПМНЕ којашто јас ја предводам за две години, еве како што вие велите од 9 милијарди … нека се 11 милијарди евра како што вие велите, тоа е 1,381, односно 1 милијарда и 381 милион, отприлика некаде 2,8 – 3 пати помалку од тоа што вие сте ја задолжиле, истакна Мицкоски.
Тој исто така додаде дека и покрај огромното задолжување и периодот од шест години, владата на СДСМ успеала номиналниот БДП да го покачи за 4,52 милијарди долари, а оваа влада со три пати помало задолжување, го зголемила номиналниот БДП за 4,66 милијарди долари.

-Номиналниот БДП, влада на СДСМ од 11,34 милијарди на 15,86 милијарди или 4,52 милијарди долари, не го зборувам ова јас, го зборува ММФ. Влада, оваа која што јас ја предводам, номиналниот БДП од 16,95 милијарди долари на 21,61 милијарди долари, не го велам јас, тоа го вели ММФ, или 4,66 милијарди. Што би значело ова? Вие сте ја задолжиле државата со 3,69 милијарди евра, а сте успеале номиналниот БДП да го покачете за 4,52 милијарди долари. Ние, оваа влада успеала да го зголеми долгот за 1,381 милијарди евра, а го зголемила номиналниот БДП за 4,66 милијарди долари или за цели 140 милиони долари повеќе за две години отколку вие за 6 години, а притоа јавниот долг е зголемен речиси три пати помалку од тоа што вие сте го правеле за тие 6 години. За три пати помало задолжување за три пати пократок период, за 140 милиони долари поголем БДП во номинални параметри, рече премиерот Мицкоски во одговор на Филипче според кој, Владата за две години ја задолжила држава со нов дополнителен долг од 2,5 милијарди евра.
