Која книга Ви помогнала да откриете нешто важно за Македонија – за нејзината историја, јазик, култура, луѓе, градови, села, иселеништво или секојдневие?. Со ова прашање „Матица македонска“ го отвора јавниот читателски повик „Една книга. Една реченица.“, во рамките на десетдневната програма „Зад датумот – Овој Илинден, Македонија се чита“. Од пристигнатите предлози ќе биде подготвен изборот „35 книги преку кои читателите ја читаат Македонија“.
Може да се предложи роман, поетска книга, историска студија, мемоари, монографија, лектира, книга за деца или дело од кој било друг жанр. Книгата може да биде од кој било издавач и на кој било јазик, доколку на читателот му помогнала подобро да разбере определен дел од македонското искуство.
За учество треба да се наведат насловот на книгата, името на авторот или приредувачот и една реченица зошто токму таа книга останала во читателското паметење. Предлозите се оставаат во коментар на објавата на официјалните профили на „Матица македонска“ на социјалните мрежи.

Изборот од 35 книги нема да биде ранг-листа, ниту прогласување „најдобри“ книги. Неговата цел е да покаже колку различни патишта водат кон читањето на Македонија – преку документ и сведоштво, фикција и поезија, научно истражување, семејна приказна и книга прочитана во детството.
Повикот е отворен до 7 август 2026 година, во 23:59 часот. Изборот „35 книги преку кои читателите ја читаат Македонија“ ќе биде објавен на 12 август.
