Има план во врска со онкологијата и дел од него е сè што е во таблетарна форма да не се дава исклучиво во болницата во Скопје, туку да се префрли во аптеките. Минатата година беа префрлени два лека за рак на дојката од болницата во аптеките и неколку илјади пациентки веќе немаат потреба да одат на Клиниката за онкологија. Сега се анализира и за терапиите за простатата да може да се направи префрлање од болница во аптека – рече денеска министерот за здравство, Сашо Клековски.
Тој посочи дека анализирани се капацитетите на активните онколошки центри – тоа се Клиничката болница во Тетово, ГОБ „8 Септември“ и Клиничката болница во Битола.
– Најмал капацитет во моментот има Клиничката болница во Штип, каде што има само еден онколог. Во Тетово е во постапка набавка на машина за дисперзија на лекови по што треба да почне зголемен третман. Таму во моментот постои основен третман, а околу 150 пациенти се третираат во Клиничката болница во Тетово. Во ГОБ „8 Септември“ се исто така завршени подготовките еден од катовите да биде дневна болница за терапија со онколошки лекови. Меѓутоа, целата онкологија бара едно повторно осмислување бидејќи претходните активности, зборувам за историските активности во делот на радиотерапијата, не профункционираа. Ние имаме исклучително мал број акцелератори. Потребен е приближно еден акцелератор на 200 до 300 илјади жители, а ние имаме само три активни акцелератори. Така што и тоа е предмет на анализа и разговор со онколошките власти – рече Клековски одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција по повод актуелната епидемиолошка состојба.

Потенцира дека имаат одлична соработка со ГОБ „8 Септември“ и со Клиничката болница во Тетово и дека би можело да има поголем напредок во Битола бидејќи таму имаат најдобри услови.
– Таму има нова зграда, има двајца онколози и има договор со Клиниката во Скопје за повремено доаѓање специјалисти за деловите што не се покриени во таа болница. Мислам дека работите ќе напредуваат, меѓутоа потребно е поголемо осмислување на целиот концепт бидејќи без позначајна децентрализација, метежот таму нема да се намали. Земајќи предвид дека преваленцата се зголемува, ние во моментот имаме приближно седум пациентки со рак на дојката. Секоја година се додаваат нови случаи бидејќи третманот е подобрен и преживувањето е подобрено – рече Клековски.
Ги извлекуваме, нагласи тој, податоците од системите за да ги видиме вкупните бројки и заедно со консултанти да процениме како најдобро да го реорганизираме процесот. Според него, тоа не е лесен процес бидејќи децентрализацијата не се спроведува едноставно.
– Ние сме упорни во тоа. Клиниката за хематологија покажа прва како може да се направи тоа бидејќи прва почна со децентрализација на лековите за третман на мултиплекс склероза. Повеќето од тие пациенти се тешко подвижни, а до минатата година за терапијата со интерферони мораа да доаѓаат во Скопје, така што овој процес таму оди малку побргу – додаде Клековски.
