Завршувањето и целосното опремување на новиот болнички комплекс во Штип беше тема на денешната средба на министерот за здравство Сашо Клековски, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, и претставници на Клиничката болница во Штип со делегација на Светската банка.

Планираната инвестиција за реализација на проектот е проценета на речиси 6,7 милијарди денари, односно 109 милиони евра, со цел Источниот Регион да добие современ регионален здравствен центар. Проектот предвидува завршување на главниот болнички објект, современа медицинска опрема и функционално поврзување на сите одделенија.
– Завршувањето на Клиничката болница во Штип е долг кон граѓаните на источна Македонија. Сакаме овде пациентите да добиваат навремена и квалитетна здравствена услуга, а здравствените работници и студентите да имаат современи услови за работа, практична настава и професионален развој – вели Клековски.


На средбата со претставниците на Светската банка биле разгледани следните чекори, меѓу кои техничките и финансиските анализи, моделот на финансирање, проектната документација и механизмите за контрола на квалитетот, трошоците и роковите.
– Очекуваме за два месеци да бидат готови ревизиите на постојната ситуација, што ќе биде основа за објавување на меѓународен повик за завршување. Да дадеме три месеци за избор на доставувач и на склучување договор. Ќе работиме со компании со меѓународна репутација и капацитет да ја завршат работата. Сега имаме и одредено искуство со реконструкциите на оперативните блокови во „8 Септември“ и во Клиничкиот центар, кои се најсензитивниот и најскап дел во овој зафат, така што мислам дека можеме да донесеме мудри одлуки за да нема проблеми како што имаше во претходниот период со изведувањето на работите – изјави Клековски.
Според министерот, финансиската реализација на проектот досега е околу 30 отсто.
– Во новата болница финансискиот дел е на 30 отсто од проектираните износи, меѓутоа завршените работи се во смисла изведени занаетчиски работи и слично бидејќи тоа е поевтиниот, условно да кажам, дел од изведбата, а поскапиот дел се машинскиот, оперативниот блок, и секако новата опрема што треба да ја обезбедиме за болницата. Значи, финансиски изведбата е 30 отсто. Таа е затворена карабина со најголем дел од фасадата затворена и со најголем дел од инсталациите веќе завршени – вели Клековски.
Министерот за здравство појасни дека останува да се дозавршат оперативниот блок и внесувањето на опремата.
– Зборуваме за првата фаза на работата. Втората фаза опфаќа рушење стари објекти, нивна обнова, изградба и спојување во една функционална целина – истакна Клековски.

Клиничката болница во Штип е единствениот клинички регионален центар во источниот дел на земјата и обезбедува здравствени услуги за речиси 150.000 граѓани, а поширокото гравитациско подрачје опфаќа приближно 250.000 жители.
Од Министерството за здравство очекуваат дека со завршувањето на новиот комплекс ќе се подобрат дијагностиката, третманот и итната медицинска помош, ќе се намали потребата од упатување пациенти кон Скопје и ќе се создадат подобри услови за развој и задржување на медицинскиот кадар во регионот.
Министерството за здравство, во координација со Фондот, Општина Штип, Клиничката болница и другите надлежни институции, ќе обезбеди транспарентност и строг надзор во секоја фаза од проектот. Новата Клиничка болница во Штип ќе значи посилно здравство, помал притисок врз Скопје и квалитетна здравствена услуга поблиску до граѓаните на источна Македонија.
