Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска соопшти дека законското решение за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, коешто по скратена постапка е на дневен ред на пленарна седница, треба да ги содржи механизмите утврдени со Законот за јавните набавки кои гарантираат интегритет, законитост, транспарентност, економичност и јавна отчетност.
ДКСК посочува и дека согласно своите надлежности и во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030 го препознала носењето на закони по скратена постапка со кои се заобиколува примената на системските закони како висок ризик од корупција и предложи мерки и активности за нивно надминување. Посочува и дека значајни законски решенија задолжително претходно треба да се доставуваат до ДКСК за нивно разгледување од аспект на корупциски ризици.
– Во врска со информациите и јавните реакции поврзани со Предлог-законот за реализација на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, како и со прашањата што се отвораат во однос на управувањето со јавните средства и постапките за нивно трошење, ДКСК укажува дека обезбедувањето интегритет, законитост, транспарентност и отчетност при трошењето на јавните средства претставува основен предуслов за заштита на јавниот интерес и за спречување на ризиците од корупција. Секое законско решение со кое се предвидува исклучување или ограничување на примената на системските закони, особено на Законот за јавните набавки, мора да биде јасно, детално и убедливо образложено од аспект на јавниот интерес, неопходноста од ваквото исклучување, неговата пропорционалност и воспоставувањето на ефикасни механизми за спречување на корупцијата и злоупотребата на јавните средства. Примената на начелата на транспарентност, еднаков третман, слободна и фер конкуренција, економичност, отчетност, интегритет и ефективна контрола не смее да биде доведена во прашање, независно од институционалната форма преку која ќе се реализира проектот или од неговото значење – соопшти ДКСК.

Антикорупциската комисија истакнува дека Законот за јавните набавки овозможува: јасни, транспарентни и однапред утврдени правила и критериуми за избор на економските оператори; обезбедување на вистинска конкуренција и еднаков пристап на заинтересираните субјекти; независен и ефективен надзор над постапките за избор и склучување договори соодветна правна заштита на економските оператори; обврска за јавно објавување на повиците, критериумите за избор, склучените договори, нивните измени и реализацијата на договорите, освен во случаи кога со закон е поинаку определено; механизми за спречување и управување со судирот на интереси, како и правила што ќе обезбедат непристрасност, објективност и интегритет во процесот на одлучување.
– Доколку законодавецот оцени дека е неопходно донесување на посебно законско решение за реализација на проектот, ДКСК укажува дека истото треба да ги содржи механизмите утврдени со Законот за јавните набавки кои гарантираат интегритет, законитост, транспарентност, економичност и јавна отчетност. Согласно своите законски надлежности, Државната комисија за спречување на корупцијата и во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030 го препозна носењето на закони по скратена постапка со кои се заобиколува примената на системските закони како висок ризик од корупција и предложи мерки и активности за нивно надминување. Дополнително, цениме дека вакви значајни законски решенија задолжително претходно треба да се доставуваат до ДКСК за нивно разгледување од аспект на корупциски ризици – се вели во соопштението.
Со предлог-законот се предвидува да се основа Фондација „Европска престолнина на културата – Скопје 2028 година“, која по предлог на градоначалникот на Градот Скопје ја основа Советот на Градот Скопје. Фондацијата ќе има својство на правно лице и со неа ќе раководи директор.
– Основна цел на Предлогот на закон е создавање посебна правна рамка за организација и спроведување на Проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со која ќе се обезбеди современ, независен и одржлив модел на управување со културата – стои во образложението.
