Европа не е само политичка цел, туку начин на кој треба да ја организираме државата – изјави денеска претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски на третата панел дискусија во Штип, во рамките на караванот „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“. Во своето обраќање, претседателот на Движењето ЗНАМ, Димитриевски, истакна дека европската иднина на Македонија нема да ја донесат празни ветувања, туку силни институции, одговорни политичари и држава што еднакво се грижи за секој свој граѓанин.
– Европа не е само политичка цел, туку начин на кој треба да ја организираме државата. Тоа значи институции што функционираат, правда што важи за сите, администрација што им служи на граѓаните и економија што создава можности. Македонија нема потреба да биде копија на никого. Треба да биде успешна држава што самоуверено ќе ги брани своите национални интереси и достоинствено ќе чекори кон Европа – порача Димитриевски.

Тој нагласи дека довербата не се добива со политички слогани, туку со резултати што секој граѓанин може да ги почувствува во своето секојдневие.

– Политиката мора повторно да стане служба на граѓаните. Луѓето не очекуваат големи зборови, туку сигурност, подобри услуги, праведни институции и можност со својот труд да обезбедат достоинствен живот. Токму затоа ЗНАМ го избра потешкиот пат, односно патот на одговорноста, реформите и конкретната работа. Само така може повторно да се изгради довербата во државата-рече Димитриевски.
Во рамки на панел дискусијата говореа и генералниот секретар на Движењето ЗНАМ, Горан Минчев и претседавачот со Централниот одбор на Движењето ЗНАМ, Игор Филков, осврнувајќи се на резултатите постигнати во изминатите две години во делот на реформата на јавната администрација, насочени кон професионализација, поголема ефикасност и унапредување на услугите за граѓаните, како и активностите и резултатите во областа на правосудството, владеењето на правото и зајакнувањето на институционалната одговорност.
Како што посочуваат од ЗНАМ токму овие резултати претставуваат темел за изградба на европски стандарди во Македонија и за враќање на довербата на граѓаните во институциите.
