Повисоките делови на Делчево од вчера се без вода поради технички дефект на главната доводна цевка. Според градоначалникот Иван Гоцевски, станува збор за прснување на разводен елемент во главна шахта, чија санација е сложена и бара повеќе време за изработка, набавка и вградување на новиот дел.
-Станува збор за прснување на разводен елемент во главна шахта бр. 1, кој според специфичноста за негова изработка бара повеќе време за итна изработка, набавка и вградување- изјави Гоцевски.
Тој посочи дека дополнително, роковите за нормализирање на состојбата може да се продолжат поради задолжителните хемиски и бактериолошки контроли на водата во системот.

Од Општина Делчево информираат дека сите надлежни служби се мобилизирани и постапуваат на терен, а во тек е координирана акција со јавните претпријатија и институции за надминување на состојбата во најкус можен рок.
Во меѓувреме, обезбедено е непречено водоснабдување за клучните институции, меѓу кои Здравствениот дом и детската градинка, додека за граѓаните се поставени повеќе пунктови за дистрибуција на вода за пиење и техничка вода на неколку локации низ градот.
Надлежните апелираат до граѓаните да ја почитуваат утврдената динамика за дистрибуција и да покажат разбирање додека трае санацијата на дефектот.
Општината упати благодарност до вработените во ЈКП „Брегалница“ и ТППЕ Делчево за нивниот ангажман, како и до граѓаните кои се вклучуваат со поддршка во надминување на проблемот.
