Уверение за квалитет – сертификат за земјоделски производи, преработки и стоки, како и уверение за квалитет В1 – сертификат за извоз на вино, се двете нови електронски услуги на Државниот инспекторат за земјоделство, наменети за компаниите што од денеска ќе бидат достапни преку Националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk.
Како што рекоа министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, и директорот на Инспекторатот, Ивица Ангеловски, на прес-конференција во Владата, компаниите отсега, освен во хартиена форма, ќе може да ги добиваат сертификатите и во електронска форма со иста правна важност.
Станува збор за постапки поврзани со квалитетот на земјоделските производи и извозот на вино, односно со сектори што создаваат домашна вредност, обезбедуваат работни места и ја претставуваат Македонија на најдобар можен начин на странските пазари.

_H1ojypAHx/large.webp?use_watermark=1)
– Продолжува процесот на дигитализација. На uslugi.gov.mk од денеска се достапни две нови електронски услуги на Државниот инспекторат за земјоделство. Нашата цел е јасна: јавните услуги да бидат побрзи, поедноставни и подостапни, а институциите поефикасни и поодговорни. И понатаму работиме на забрзана дигитализација на услугите што имаат материјално и непосредно значење за граѓаните и стопанството. Продолжуваме да градиме дигитална држава, која штеди време, ги намалува трошоците и создава подобри услови за работа, развој и економски напредок – потенцира министерот Андоновски.
За една компанија, нагласи, времето потребно за добивање документ не е само административно прашање.
– Тоа е дел од трошокот за работење, од брзината на производството и од нејзината конкурентност. Доколку институциите доцнат, доцни и компанијата. Доколку постапката е сложена, растат трошоците и се намалува можноста за развој и извоз. Затоа, за нас, дигиталната трансформација не претставува само воведување нова технологија, туку претставува промена на начинот на кој функционира државата и на односот што институциите го имаат кон граѓаните и компаниите. Токму затоа Националниот портал за услуги uslugi.gov.mk го развиваме како единствена точка преку која граѓаните и компаниите ќе може да пристапуваат до јавните услуги едноставно, сигурно и без непотребно губење време – истакна Андоновски.
Според него, дигитализацијата има уште една исклучително важна димензија – зголемување на транспарентноста и намалување на ризикот од корупција.
– Кога постапките се дигитални, правилата се однапред утврдени и еднакви за сите, се намалува непосредниот контакт таму каде што е непотребен, се ограничува просторот за субјективно одлучување и се создава јасна електронска трага за постапувањето на институцијата. На тој начин не се подобрува само брзината на услугата, на тој начин ги зајакнуваме одговорноста на администрацијата, правната сигурност на компаниите и довербата на граѓаните во институциите. Успешната дигитална трансформација бара соработка. Министерството за дигитална трансформација ги обезбедува заедничката инфраструктура, стандардите и поддршката, но секоја институција мора да ги препознае услугите што треба да се поедностават и да покаже подготвеност да ги подобри своите работни процеси – напомена министерот Андоновски.
_To4JHrXaC/large.webp?use_watermark=1)
Директорот Ангеловски посочи дека со новите две услуги се поедноставува целокупната постапка, се скратува времето потребно за добивање на сертификатите, се елиминира потребата од нивно лично подигнување во Инспекторатот и се намалуваат финансиските трошоци што компаниите ги имаат при користењето на овие услуги.
– Дополнително, целосно е дигитализирана и постапката за плаќање на административните такси. Наместо досегашното плаќање со хартија и уплатници, плаќањето понатаму ќе се врши електронски преку апликации за електронско банкарство, со што се овозможува побрза, поедноставна и поефикасна постапка во процесот. Со овие активности правиме уште еден значаен чекор кон современа, ефикасна и транспарентна јавна администрација, која е во служба на граѓаните и стопанството и ги следи современите дигитални стандарди – рече Ангеловски.
