На велосипедските патеки, на тротоарите, па дури и на самите сообраќајници. Тротинети во Скопје секојдневно се движат надвор од безбедносните правила. И денеска сликата во главниот град не беше ништо поразлична иако во Собранието веќе почна процедурата за измена на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Доколку немате 18 години, нема да може да возите електричен тротинет. Брзината пак ќе биде ограничена на 20км/ч, а доколку не ги почитувате правилата тротинетот може да ви биде одземен 30 дена. Граѓаните се задоволни од најавените законски измени.
„Сум за, да. Не се води ред, многу брзо се вози и гужва се прави непотребно а и од друга страна, многу сообраќајки во последно време.“
„Мислам дека е океј.“
„Ако е тука на улица до дуќан да оди, да купува нешто. Меѓутоа, ако излезе надвор веќе каде што има сообраќај, тоа го поддржувам.“
Овој скопјанец интензивно користи електричен тротинет. Тој е еден од многуте жители на главниот град што одбра да користат евтин и еколошки превоз за кој е потребно минимално место на јавните површини и е лесен за управување. Се согласува дека ред треба да се воведе бидејќи честа пракса низ улиците е да се видат по двајца или тројца малолетници како се возат на еден тротинет и тоа со преголема брзина, а во многу случаи интервенирала и брзата помош.
„Испод 18 години нема право веќе да се вози. Посебно пак и над 18, кациги треба.“
Според статистиката на МВР во последниве четири месеци имало 27 тешки сообраќајки со електричен тротинет, а во последните две години регистрирани се вкупно 2352 несреќи во кои учествувале мопеди, мотоцикли и електрични тротинети.
Бојан Таневски
