Ана Виткова едногласно е предложена за член на Регулаторна комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад. Ваква одлука донесе денеска Комисијата за избори и именувања на 59 седница. Таа е дипломиран правник со положен правосуден испит и доктор на правни науки, државен советник и советник на претседателот на Владата за правни прашања.
На огласот се пријавиле двајца кандидати. На седницата, Виткова беше предлог на пратеникот Александар Велјановски.
– Ана Виткова е доктор на правни науки со положен правосуден испит. Меѓу другото има богато работно искуство. Во однос на кандидатурата, исто така има учествувано во многу проекти од областа на енергетиката, исто така и во комисии за подготовка, организирање и спроведување на значајни енергетски проекти од страна на Владата. Така да, сметам дека се работи за кандидат којшто и те како ќе даде придонес во работењето на на Комисијата – појасни Велјансовски.

Второпријавен кандидат бил Круме Џиковски, дипломиран правник и магистер по европско право и право на ЕУ.
На седницата беше донесена предлог одлука за избор на двајца членови на Совет за граѓански надзор.
Претседателот на комисијата, Ѓорѓија Сајкоски појасни дека Собранието на седницата одржана на 11 јуни 2026 година ја донесе одлуката за распишување јавен оглас за избор на членови на Совет за граѓански надзор. Со оваа одлука Собранието на Република Македонија распиша јавен оглас за избор на двајца членови на Совет за граѓански надзор кои се претставници на невладини организации и здруженија од областа на заштита на основните човекови права и слободи, безбедноста и одбраната. Списокот на пријавени кандидати беше објавен и поставен на е-Парламент. На предлог на пратеникот Миле Левков, едногласно беа изгласани предлозите, за членови во Советот да бидат Андон Дамовски, дипломиран социјален работник, магистер по социјална политика и доктор по социолошки науки и Гордана Стефковска-Вељановска, дипломиран психолог. Двајцата, предложени како членови на невладини организации.
Не помина предлогот на пратеничката Сања Лукаревска, да биде избран Горан Трпеноски, новинар и член на Здружението на новинари.
– Поранешен член на Државната комисија за спречување на корупција. Во повеќе наврати во различни медиуми го остварувал својот работен однос како новинар. Исто така е и член на Одборот за соработка и јавност на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Во делот на својата професионална обука има и курс за известување во воените конфликти, што соодејствува со сè она што е потребно за да ги исполни критериумите во делот на Советот за граѓански надзор – појасни таа. Лукаревска единствена гласаше за овој нејзин предлог.
