Агенцијата за храна и ветеринарство издаде наредба за забрана за користење на водата во Гостивар, што подразбира целосна забрана, и до моментот додека нема други насоки, Институтот за јавно здравје исто така се држи до овој став – соопшти на денешната прес-конференција во Владата директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, одговарајќи на новинарски прашања дали водата во Гостивар е безбедна за користење и за каква намена може да се користи.
Андоновска рече дека како Институт добиле барање за излегување на терен во четвртокот и дека тој процес воопшто не бил едноставен, ангажирани биле екипи, кои зеле примероци во ноќните часови.

– Ние имаме добиено барање за излегување на терен во четвртокот и тоа не е толку едноставен процес, таму треба да се пречекаат и другите екипи. Има повеќе локации, можеби не се сите на исто место, така што сепак работата не е толку едноставна за да може да се заврши така бргу. Она што е многу поважно е дека јас навистина ги поздравувам сите оние што биле на терен во такви услови, вечерно време и толку долг процес да издржат, да бидат професионални во својата работа и да не отстапат од насоката, од задачата што ја добиле доследно и професионално да ја завршат работата и да се вратат со примероците. Јас ги поздравувам сите оние што учествувале на кој било начин во земањето примероци, тоа е многу поважно. Дали биле попречувани, немам информација во моментот – рече Андоновска.

Во однос на водата во Гостивар, Андоновска е децидна дека Агенцијата за храна и ветеринарство веќе има издадено забрана за користење на водата, што подразбира целосна забрана за користење на водата. Препораките на Институтот сè во истата насока, посочи Андоновска, и сè до моментот додека трае забраната, треба да бидат почитувани сите препораки што се дадени.
– По отстранувањето на оваа забрана, следуваат нови препораки, но до тој момент исто така стоиме на ставот дека треба да се продолжи да се почитува насоката дадена од надлежната институција, тоа е Агенцијата за храна и ветеринарство – рече Андоновска.
Во однос на контролата на водата, директорката на Институтот рече дека водата треба да ја контролира на дневна, т.е. неделна основа, самото претпријатие во Гостивар и должно е да обезбеди надворешни оператори. Андоновска соопшти дека претпријатието распишало тендер и се јавиле повеќе оператори и како економски оператор се јавил Институтот за јавно здравје, кој добил само две посети.
– Значи, само две посети требало да бидат од страна на Институтот на барање на самиот оператор. И тие две посети се искористени. Не ме држете за збор (кога), но посетите се искористени и направени – рече Андоновска.
Во однос на прашањето за клиничката слика, директорката на ИЈЗ рече дека е широка и симптоматска и може да опфати повеќе одредени заболувања. Појаснувајќи што значи присуство на фекални бактерии и доколку водата е користена од граѓани, хипотетички, тогаш сликата, вели таа, може да биде полесна, но и да има и посериозни компликации.
– Доколку, хипотетички зборуваме, во една вода се најдат фекални бактерии, т.е. колиформни бактерии, и таа вода се утврди дека е користена од страна на одредени лица, може да се јави симптоматологија од ваков тип како што имаат. Но тоа е еден широк спектар на клиничка слика, така што може да се јадат вакви стомачни проблеми како што имаат во моментот граѓаните на Гостивар, а тоа може да помине и со полесна клиничка слика, но може тие ентероколити да резултираат и со одредена дехидратација, т.е. компликација, и тоа да доведе до дехидратација – рече Андоновска.
