Индискиот амбасадор во Македонија, Арун Кумар Саху, пред утрешната официјална дводневна посета на земјата на претседателката на Република Индија, Друпади Мурму, обајви авторски текст, во кој оценува дека таа отвора нови врати за Индија и Југоисточна Европа.
– Индија и Македонија имаат многу заедничко. Двете се живи демократии. Двете ја прифатија различноста како извор на сила. Двете веруваат во дијалогот наместо конфронтацијата и во меѓународната соработка како начин за справување со денешните глобални предизвици. Оваа посета го одразува растечкото значење што двете земји си го придаваат една на друга. Исто така, испраќа јасна порака дека Индија ја гледа Македонија како ценет партнер во Југоисточна Европа, а Северна Македонија сè повеќе соработува со една од најдинамичните економии во светот – истакнува амбасадорот Саху.
Тој се осврнува на можностите за соработка меѓу двете земји во повеќе полиња, како образование, здравство, технологии и иновации, култура, туризам, а чиј потенцијал, вели, далеку го надминува она што е реализирано досега.

– Посетата на претседателката на Индија, Друпади Мурму, на Северна Македонија е можност да го прославиме она што веќе го постигнавме и уште поважно – да гледаме напред со доверба. Потенцијалот на нашето партнерство далеку го надминува она што го реализиравме досега. Заедно Индија и Македонија може да изградат однос што ќе придонесе не само за просперитетот на нашите две нации туку и за регионот и за еден поповрзан, помирен и свет отворен за соработка. Тоа е ветувањето од оваа посета – и можноста што е пред нас – порачува Саху.
Во продолжение следува интегрално авторскиот текст на индискиот амбасадор во земјата, Арун Кумар Саху.
Постојат моменти во дипломатијата што ги надминуваат протоколот и симболиката. Тие стануваат можности за преосмислување на односите и за исцртување заедничка иднина. Претстојната државна посета на претседателката на Индија, Друпади Мурму, на Македонија е еден таков момент.
Додека Индија и Македонија се подготвуваат да го одбележат овој важен настан, се потсетуваме дека значајните партнерства не се дефинираат само од географската близина. Тие се градат врз споделени вредности, меѓусебно почитување и заедничко верување дека соработката може да донесе поголем просперитет и безбедност за нашите народи.
Индија и Македонија имаат многу заедничко. Двете се живи демократии. Двете ја прифатија различноста како извор на сила. Двете веруваат во дијалогот наместо конфронтацијата и во меѓународната соработка како начин за справување со денешните глобални предизвици. Оваа посета го одразува растечкото значење што двете земји си го придаваат една на друга. Исто така, испраќа јасна порака дека Индија ја гледа Македонија како ценет партнер во Југоисточна Европа, а Северна Македонија сè повеќе соработува со една од најдинамичните економии во светот.
Индија доживува извонреден период на трансформација. Дом на повеќе од 1,4 милијарда луѓе, таа стана една од најбрзорастечките големи економии во светот и глобален центар за иновации, технологија и претприемаштво. Од дигиталната јавна инфраструктура и финтек до вселенската технологија, обновливата енергија и напредното производство, развојното патување на Индија создава можности за партнерства во целиот свет. Овие можности се многу релевантни за Северна Македонија.
Нашите економски односи постојано растат во последните години, но само што почнаа да го остваруваат својот целосен потенцијал. Постои голем простор за продлабочување на соработката во фармацевтската индустрија, информатичката технологија, земјоделството, автомобилските компоненти, обновливата енергија, туризмот, образованието и производството. Индиските бизниси сè повеќе бараат сигурни партнери во Европа, а Македонија нуди многу предности – стратешка локација, отворена инвестициска клима, квалификувана работна сила и силна регионална поврзаност. Исто така, македонските компании може да имаат корист од поголем пристап до огромниот и растечки пазар на Индија, една од најголемите потрошувачки економии во светот.
Технологија и иновации
Искуството на Индија во развојот на дигитална јавна инфраструктура привлече глобално внимание. Пристапните дигитални плаќања, безбеден дигитален идентитет, јавните онлајн-услуги и финансиската инклузија го трансформираа секојдневниот живот на стотици милиони Индијци. Овие искуства нудат вредни лекции и можности за меѓународна соработка, особено додека земјите се стремат да ја искористат технологијата за да поттикнат инклузивен раст.
Здравствена заштита
Позната како аптека на светот, Индија снабдува висококвалитетни, достапни лекови за земјите од секој континент. Индиските фармацевтски компании заработија меѓународна доверба преку иновации, квалитет и прифатливост. Како што здравствените системи продолжуваат да се развиваат во целиот свет, поблиската соработка во фармацевтските производи, медицинската технологија и здравствените услуги може да донесе опипливи придобивки за двете земји.
Надвор од конвенционалната западна медицина, древната индиска мудрост ајурведа е исто така многу релевантна во модерна Европа како комплементарен пристап кон управувањето со хроничните болести, намалувањето на стресот и превентивната грижа. Таа го премостува јазот помеѓу конвенционалната медицина и холистичката благосостојба со нагласување персонализирани планови за животен стил базирани на природата. Многу Европејци го мешаат древното индиско знаење со локалните ресурси за да создадат европска ајурведа.

Образование
Секоја година студенти од целиот свет ја избираат Индија за високо образование во медицината, инженерството, информатичката технологија и науките. Владините стипендии, професионалната обука и академските размени поттикнуваат трајни пријателства, кои често ја формираат најсилната основа за билатералните односи. Се надеваме дека ќе видиме уште повеќе млади луѓе од Северна Македонија како ја откриваат Индија – не само како дестинација за учење туку и како земја на идеи, иновации и можности.
Култура
Индискиот филм, јогата, класичниот танц и кујната пронајдоа ентузијастична публика во целиот свет, вклучително и во Македонија. Во исто време, луѓето во Индија се желни да дознаат повеќе за богатото културно наследство на Македонија, вклучувајќи ги нејзината музика, традиции, археолошки богатства и природна убавина. Секоја културна размена го продлабочува разбирањето и нè потсетува дека различноста вреди да се слави.
Туризам
Како што сè повеќе Индијци патуваат во странство од кога било досега, Македонија има можност да се позиционира како дестинација што нуди прекрасни пејзажи, историски места, топло гостопримство и автентични искуства. Индија, пак, ги кани туристите да ја доживеат една од најстарите цивилизации во светот заедно со едно од нејзините најмлади и најиновативни општества.
Поширока заедничка цел.
Денешниот свет се соочува со повеќекратни предизвици – климатски промени, енергетска и прехранбена безбедност, јавно здравје и брзи технолошки промени. Ниедна земја не може сама да се справи со овие прашања. Индија верува дека меѓународната соработка, почитувањето на суверенитетот и дијалогот остануваат најдобриот пат напред.
Ова убедување е отелотворено во древниот индиски идеал на Васудаива Кутумбакам – „Светот е едно семејство“. Тоа е повеќе од филозофски концепт; тоа е практичен пристап кон меѓународните односи, признавајќи дека нашата иднина е меѓусебно поврзана и дека трајниот напредок зависи од соработката.
Посетата на претседателката нуди можност овие заеднички принципи да се преведат во практична соработка. Може да се потпишат нови договори, да се почнат нови партнерства и да се истражат нови патишта за соработка. Но вистинскиот успех на посетата ќе се мери не само со официјални документи туку и со посилни деловни партнерства, поблиски академски размени, подлабоко културно разбирање и почест контакт меѓу нашите граѓани.
Дипломатските односи на крајот напредуваат благодарение на луѓето. Претприемачите што инвестираат, истражувачите што соработуваат, уметниците што инспирираат, студентите што студираат во странство и туристите што откриваат нови култури – сите стануваат амбасадори на пријателството на свој начин.
Почеток на ново возбудливо поглавје
Индија и Југоисточна Европа имаат историски врски повеќе од две илјади години иако овие врски честопати биле индиректни, посредувани од пошироки трговски и политички мрежи. Во антиката, индиските зачини, текстил, скапоцени камења и други луксузни стоки стигнувале до Југоисточна Европа преку патот на зачините и медитеранските трговски патишта. Последователно, трговските размени продолжиле преку посреднички трговци поттикнувајќи ограничен, но одржлив контакт. Во модерната ера односите добија поголемо политичко значење за време на Студената војна, а Индија одржуваше пријателски односи со другите земји во регионот преку соработка во образованието, науката и индустријата.
Денес, Индија и земјите од Југоисточна Европа уживаат во растечки врски во трговијата, инвестициите, образованието, туризмот и културната размена. Односот одразува постепена еволуција од историски трговски врски до пошироко стратешко партнерство засновано на заеднички интереси и мултилатерална соработка.
Посетата на претседателката на Индија, Друпади Мурму, на Северна Македонија е можност да го прославиме она што веќе го постигнавме и уште поважно да гледаме напред со доверба. Потенцијалот на нашето партнерство далеку го надминува она што го реализиравме досега. Заедно Индија и Македонија може да изградат однос што ќе придонесе не само за просперитетот на нашите две нации туку и за регионот и за еден поповрзан, помирен и свет отворен за соработка.
Тоа е ветувањето од оваа посета – и можноста што е пред нас.
