Само 16 проценти од поднесените кривични пријави во 2025 година останале нерешени во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, додека 84 проценти се нерешени кај други органи и обвинителството чека одговор за да постапува, изјави Шефот на ОЈО ГОКК – Ислам Абази, при презентацијата на годишниот извештај за работата на ова обвинителство пред Советот на јавни обвинители.
Абази, во одговор на новинарски прашања по седницата, појасни дека тоа се наредби, барања, пратени од страна на обвинителството до различни институции: МВР, Управа за финансиска полиција, до банки, до други субјекти, правни лица, физички лица…
-До повеќе институции се пратени… Секако дека и од МВР се чека за определени предмети, да постапуваат по тоа и да ни достават, во зависност од тоа што бараме од нив – изјави Абази, прашан од кои институции се чека одговор.

Со Министерството за внатрешни работи, Абази нагласи дека се во постојана и секојдневна комуникација и дека 90 проценти од пријавите се од МВР.
-Министерството е наш најголем сојузник и партнер, сме во постојана комуникација, секојдневна комуникација… Како што видовте, и од извештајот, над 90 проценти од поднесените кривични пријави и во нашето и во обвинителствата, во целата држава, како подносител се јавува МВР – изјави Абази.
Прашан за коментар на критиките од власта околу работењето на ОЈО ГОКК, со оглед дека неговиот мандат истекува во ноември годинава, Абази рече дека принципиелно, како обвинителство никогаш не коментираме политички изјави.
-По однос на нашето постапување и работење, како што знаете, надзор ни врши Јавното обвинителство на Македонија. Тие цело време, два пати годишно идат и ни вршат надзор на нашата работа. Тука е Советот, нели, пред кого одговараме и пред Републичкиот, така да во секое време можат да извршат увид во нашите одлуки и по нашите предмети – изјави Абази.
Прашан за коментарите по одлуката за случајот со „Мазутот“, Абази рече дека не би ги коментирал изјавите, нагласувајќи дека нивните одлуки подлежат на надзор и контрола на повисоките јавни обвинителства.
-Секој си има свое мислење по однос на некоја одлука и не треба ние секојпат да се сложуваме едни со други за нашата одлука. Нашите одлуки подлежат на, како што кажав, на надзор и контрола на повисоките јавни обвинителства. Цело време ни вршат и надзор и контрола и така што… И во повеќето од одлуки, нели, наши, кога имаме оштетени од кривично-правен аспект, имаат право да поднесуваат и жалби и приговори до повисокото, непосредно повисокото Јавно обвинителство, така што повисокото ќе си одлучи, ќе ни даде насоки или ќе ги потврди нашите решенија – изјави Абази.
Прашан дали пак ќе се кандидира за шеф на ОЈО ГОКК, Абази рече, дека тоа е отворено прашање за кое прво треба да разговара со семејството, но дека има време до ноември. – После ова што го слушнавте од Советот, зашто пак да не се кандидирам – изјави Абази.
Прашан до каде е таканаречената „Шпионска афера“, Абази рече дека од страна на Министерството за внатрешни работи бил изготвен извештај, кој откако го проучил јавниот обвинител, се појавила потреба да се дополни тој извештај и да се дадат други насоки да се постапува во тоа.
-Чекаме одговор од Министерството за внатрешни работи, но секако после тоа ќе видиме дали постојат услови за донесување на јавнообвинителска одлука или ќе има потреба да се преземе уште некое друго дејствие – изјави Абази, посочувајќи дека во овој дел од истрагата не може да открие повеќе.
Абази нагласи дека имале состаноци со МВР и припадниците на Министерството на оваа тема.
Во однос на предметите за „Бехтел и Енка“ и за „Соравија“, Абази рече дека и двата предмети се уште се во предистражна постапка, нагласувајќи дека и „тие предмети се обемни, сложени и големи“.
За „Бехтел и Енка“, Абази рече дека од страна на јавен обвинител е дадена наредба до Министерството за внатрешни работи и се постапува по издадената наредба.
-МВР, имаме информации и сознанија дека интензивно постапуваат по овие наредби. Кога ќе ги добиеме одговорите од тие наредби, како обвинителство ќе бидеме во можност да донесеме одлука – појасни Абази.
По однос на предметот „Соравија“, Абази рече дека последно што знае е дека јавниот обвинител има поднесено барање за меѓународна правна помош што е во САД и оттаму го чекаат одговорот.
-Мислам дека се уште немаме одговор оттаму. Откога ќе ни биде одговорено, ќе процени јавниот обвинител дали постојат услови за донесување одлука или ќе треба да преземе, во зависност од тој одговор, дали ќе има за потреба да преземе и други дејствија – изјави Абази.
Во однос на истрагата за ФФМ, Абази информираше дека до Судот имаат поднесено девет предлози за замрзнување на имот и 17 за сметки на физички и правни лица.
-По спроведената финансиска истрага, се што пронајдовме дека имаат имот, сметки, вредност, подвижен, недвижен, на име и сметка на осомничените, до судот поднесовме соодветни предлози, барања за замрзнување на тој имот – изјави Абази, без да посочи вкупна вредност на замрзнатиот имот.
