Македонската берза денеска и официјално го почнува проектот што треба да ги поттикне и подготви домашните перспективни компании за пазарно финансирање. Проектот е поддржан од ЕБРД врз основа на потпишаниот Меморандум за соработка, а ќе се имплементира од PriceWaterhouseCoopers (PwC) Македонија и PWC Хрватска.
Во рамки на проектот, најмногу десет компании ќе добијат професионална и независна проценка на нивната подготвеност за пристап до пазарот на капитал преку издавање акции или обврзници. Компаниите ќе учествуваат на специјална лидерска академија и ќе добијат конкретни препораки за понатамошна подготовка за пазарно прибирање финансиски средства. Рокот за апликација е до први септември.
Постои можност компаниите кои по завршувањето на овој проект ќе донесат конкретна одлука да издаваат акции или обврзници на Македонска берза, да добијат дополнителна поддршка од Европската банка за обнова и развој. Договорен е последователен проект за техничка финансиска помош за оперативна реализација на инцијална јавна понуда (ИПО). Во првиот проект ќе има одреден број компании, а ако некоја од нив реши и го направи овој чекор, ќе има втор проект, условно договорен, за конкретна поддршка и на таа оперативна фаза.

– Добро проектирана куќа секогаш има и задна врата, не зашто главната не е добра, туку затоа што не треба да зависите само од еден влез. Истото важи и за компаниите. Банкарскиот кредит е главната врата до капиталот, но секоја здрава економија треба да има и задна врата, пазарот на капитал, ИПО на акции, корпоративни обврзници и широка лепеза на инвеститори, порача директорот на Македонска берза, Иван Штериев по повод почетокот на проектот.
Штериев посочи дека на берзата сè уште примарно се тргува со компании трансформирани во акционерски друштва уште од приватизацијата.

-Оттука, добивањето нови финансиски инструменти на македонскиот пазар на капитал на страната на понудата е клучно. Латентна побарувачка има, а, пошироко гледано, има и капитал. Македонските компании не треба да имаат само една врата до овој капитал. Банкарскиот кредит е важен, но мудро е тоа да не биде секогаш единствениот избор. На Македонија ѝ недостигаат повеќе компании што се подготвени да привлечат капитал од различни видови инвеститори. Затоа ние постојано зборуваме за ИПО и пазарно финансирање, тоа е нашата мисија, потенцира директорот.
Негова оценка е дека 6 до 12 месеци ќе и бидат потребни на некоја компанија со солидна внатрешна експертиза, да се подготви за излез на пазарот на капитал.
– Зависи од тоа за каква компанија станува збор. Ако компанијата има некаква големина и некаква експертиза на финансиски и правни стручњаци, мислам дека ќе може да го направи тоа во некој период од 6 до 12 месеци. Доколку некоја компанија е со добар бизнис модел, но без административна структура која може да го поддржи овој генерално сложен проблем, тогаш тој процес може да биде и нешто подолг, но затоа го имаме проектот, затоа го имаме имплементаторот PriceWaterhouseCoopers кој може да ги да ги насочи и да ги забрза работите, рече Штериев.
Според него, во регионот има позитивно раздвижување во овој домен, особено во Хрватска, Бугарија и Романија.
– Во Хрватска последните пет години се направени пет ИПО во вкупна вредност од над 240 милиони евра. Во Бугарија се направени, во истиот период, околу 13 ИПО-а на помали компании. Тие имаат еден специјален пазар на развој за мали компании, тоа и ние ќе го направиме после новиот Закон од есен натаму, и во Бугарија се собрани некои нецелни 30-тина милиони евра. Во Романија бројките се многу поголеми, одат и на кај две милијарди. Оттука, овој проект е наш обид да станеме дел од овој позитивен регионален тренд. Би напоменал, дека проектот е за ИПО-а, но ИПО-то не е цел само за себе, туку треба да биде резултат од овој проект. Ние не сакаме компаниите да излезаат на берза само зашто некој ги убедил, туку затоа што ќе сметаат дека е тоа добро за нив и дека самите се подготвени за овој голем чекор. Проектот не гарантира дека ќе има ИПО-а, но гарантира дека значајно ќе се зголеми подготвеноста на компаниите да направат ИПО, и во доменот на нивното корпоративно управување, транспарентност, финансиско известување и разбирање на очекувањата на инвеститорите. Сакаме среднорочно да создадеме барем неколку компании кои ќе бидат подготвени да изберат и пазарно финансирање кога ќе им биде потребно, подвлече директорот.

Маја Толеска Костадинова од Европската банка за обнова и развој објасни дека целта на на проектот е да им се овозможи на компаниите кои ќе бидат дел од програмата да добијат знаење за пристапот до пазарот на капитал, но и да им се овозможи зајакнување на нивните капацитети за подготовка и реализација на активностите поврзани со излегување на домашниот пазар на капитал, подобрување на интерните процеси и корпоративно управување, развој и диверзификација на стратегии за финансирање и развој, подобрување на транспарентноста, известувањето во усогласеност со пазарните и нормативните стандарди и професионална комуникација со финансиските посредници и потенцијалните инвеститори.
-Благодарение на на финансиската поддршка од донаторот на овој проект, ЕУ, имаме можност за кофинансирање со 60 до 70% на трошоците во форма на грант. Процентот зависи од големината на компанијата. За средни компании, според дефиницијата на Европска Унија, би било 60%, а за микро и мали 70%, напомена Толеска Костадинова.
Според Драган Давитков од PwC Македонија, целта на проектот е домашните компании да се охрабрат и конечно да пристапат кон пазарот на капитал преку Македонска берза.
Одговорајќи на новинарски прашања, Шетриев во врска со цената на нафтата рече дека не не би се впуштал во прогнози.
