Претставата „Вонземјани“, во режија на Васил Михаил, утревечер во 20 часот ќе биде изведена во Македонскиот народен театар (МНТ). Претставата е работена по текст на Игор Кузмановски, а е копродукција на продукцијата „Мана“ и МНТ. Во претставата играат Нино Леви, Димитрина Мицкоска, Марија Новак, Наум Георгиевски и Димитар Паскоски.
Авторот на текстот Кузмановски на денешната прес-конференција истакна дека при пишувањето тргнал од прашањето дали со губењето на љубовта, солидарноста и сочувството ги губиме и човечките особини.

– Пред да почнам да го пишувам овој текст си поставив едно прашање кое подолго време тлееше во мене: дали луѓето, губејќи ги љубовта, солидарноста и сочувството, останале луѓе или сме се претвориле во нешто друго? Најдов начин преку хуморот да го поставам тоа прашање пред публиката, која треба сама да го најде одговорот – рече тој.
Според него, иако текстот води кон комедија, во него се отвораат сериозни проблеми во кои, како што рече, сите денес можат да се пронајдат.
– Претставата ќе нè насмее, но ќе ни постави и многу прашања кои би нè однеле до некаква тишина и размислување за еден подобар утрешен свет. Не би рекол дека ќе остави горчина, туку секој од нас ќе се запраша: Каде одиме? Каде одиме со ова темпо, со овој начин на живот, со губењето на човечките особини? Тоа беше главната идеја при пишувањето на текстот – истакна Кузмановски.
Режисерот Васил Михаил потенцира дека утрешната изведба може да се смета за втора премиера на „Вонземјани“ во сезоната, бидејќи првата била одржана на 28 јули, во рамки на „Скопско лето“.

– Ова ќе биде четврта изведба. Имавме две изведби тука, генералната проба, односно претпремиерата, и премиерата, а имавме и изведба на театарскиот фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка. На сите три изведби претставата помина одлично. Публиката беше воодушевена од хуморот и од посебноста на самиот стил на претставата – рече Михаил.
Тој ја опишува „Вонземјани“ како невообичаена комедија која преку хуморот и сатирата навлегува во многу подлабоки теми.
– Има различни комични стилови и жанрови испреплетени во една еклектика, во еден амалгам. Се надевам дека претставата ќе се игра долго. Убеден сум дека публиката ќе ја сака и ќе сака повторно да се наврати на неа – рече режисерот.
Според договорот со МНТ, претставата ќе биде дел од репертоарот на националниот театар, а се планираат и гостувања низ земјава и учества на фестивали.
– Овде има многу претстави и гостувања, ова е најголемата театарска куќа во државата и се надевам дека еднаш до двапати месечно би можела да се игра овде. Се разбира, планираме турнеи низ цела Македонија и апликации на фестивали – истакна Михаил.
Тој посочи и дека проектот е реализиран со минимален буџет финансиран од Министерството за култура и туризам и со поддршка од МНТ.
– Ова е охрабрување за сите оние кои сакаат да направат нешто, дека е возможно доколку има ентузијазам и доколку се посвети доволно труд. Но, истовремено е и апел до Министерството и до приватниот сектор да имаат повеќе разбирање и да поддржуваат вакви уметнички проекти. Навистина е тешко, треба многу напори и труд да се вложат без доволно финансии – рече Михаил.

За актерот Нино Леви, „Вонземјани“ има и посебно значење бидејќи со претставата одбележува 40 години професионална дејност.
– Морам да признаам дека сум многу среќен и радосен што можам да најавам претстава која навистина со љубов ја работев и која е исклучително успешна, барем по мојот критериум, а со која сакав да одбележам еден мој мал јубилеј, 40 години професионална дејност – рече Леви.
Тој раскажа дека со текстот „Вонземјани“ првпат се сретнал пред околу три години, кога Кузмановски му понудил да прочита три негови текста.
– Сите три ми се допаднаа. Овој некако не толку, но благодарение на Васил Михаил, кој истовремено го прочитал текстот, по некое време се сретнавме и тој ми рече: „Ти си создаден за таа улога“. Јас го играм главниот лик, главата на семејството. Така пред три години почна дружбата со овој текст – рече Леви.

Актерката Марија Новак, која ја игра мајката на главниот лик, односно бабата во семејството, вели дека токму преку едно петчлено семејство во претставата е прикажана поширока слика за општеството.
– Претставата е целото наше општество претставено во едно петчлено семејство. Жанрот е комедија, меѓутоа сатирата и гротеската ги користиме како средства за да пренесеме многу посериозни теми – рече Новак.
Според неа, реакциите по досегашните изведби покажале дека публиката добро го прифатила хуморот во претставата.
– Навистина има многу смеење, има аплауз на отворена сцена. Меѓутоа, начнати се многу нешта, многу слабости во нашето општество и како тие се рефлектираат врз семејството како основна заедница на општеството. Преку тие комични ситуации всушност се задира во многу сериозни теми. Сè она што нашиот народ, обичниот човек, сака да го каже гласно, сметам дека го има во оваа претстава – истакна Новак.

Актерката Димитрина Мицкоска ја толкува сопругата на главниот лик, мајка на две деца и, како што ја опишува, „стереотип на една класична домаќинка“ која работи, постојано бара помош, но не дозволува да ѝ помогнат.
– Низ целата претстава се провлекуваат проблеми за идентитетот, за односот меѓу снаата и свекрвата, но и нејзиното поттикнување на главниот лик да излезе на протести или да проба да смени нешто од она за што самиот се жали дека не е во ред во државата и општеството. И на крајот, кога тој презема нешто, таа не верува во неговата храброст – рече Мицкоска.
Таа нагласи дека е особено горда што работи на текст од македонски автор.
– Сите теми се длабоки и значајни и се изнесени со еден прекрасен хумор. Многу сум горда на проектот затоа што работам на текст на наш македонски автор, што навистина е реткост, со толку добар хумор, а режисерот успеа тој хумор да го направи уште повпечатлив за публиката, рече Мицкоска.
Костимографијата е на Благој Мицевски, сценографијата на Дарко Дуковски, а тонската обработка на „Оскар продукција“.

