Министерот за здравство Азир Алиу и ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) проф. д-р Садудин Ибраими, денеска во Тетово потпишаа заеднички Меморандум за соработка меѓу двете институции.
Со овој меморандум на Министерство за здравство и Универзитет на Југоисточна Европа се воспоставува и унапредува институционалната соработка со цел поддршка на процесот на дигитална трансформација и модернизација на здравствениот систем во државата.

– Со ова партнерство ја потврдуваме заедничката заложба за унапредување на квалитетот, ефикасноста и ефективноста на здравствените услуги, преку интегрирање на академското знаење и институционалните капацитети во интерес на граѓаните, истакна при потпишувањето министерот Алиу.

Според министерот, соработката предвидува размена на знаења и искуства, реализација на научно-истражувачки и апликативни проекти, едукација и стручно усовршување на кадри, како и заеднички активности во областа на примената на информатичките науки и современите технологии во здравството.
