Собранието се подготвува за првата пленарна седница на која ќе се прави реорганизација на органите на државната управа и формирање на две нови министерства. Пратениците од владејачкото мнозинство очекуваат поддршка и постигнување двотретинско мнозинство за овие измени да се направат пред истекот на рокот за давање мандат за формирање влада. На координацијата на пратеничките групи со претседателот на Собранието Африм Гаши се разговарало за следните активности на собранието и првите законски измени.
За да се усвојат овие измени потребно е прво да се верифицираат мандатите на уште двајца пратеници и да се формираат Комисијата за политички систем и законодавно правната комисија.
Законот е предизборно ветување што го дадовме пред граѓаните. Во моментов работиме на законот за организација на органите на државната управа, односно преструктуирање на одредени министерства и очекувам дека ќе добиеме поддршка од 80 пратеници за да може да профункционира тоа што, впрочем, е барање на граѓаните. При крај сме со целото законско решение, очекуваме деновиве и официјално да биде поднесено и да ја запознаеме јавноста и колегите од другите пратенички групи за да добиеме поддршка на тоа што планираме да го испорачаме. Очекувам дека законот ќе се донесе пред формирањето на Владата – рече Мицевски и додаде дека приоритет е да ги формираат комисиите.

Коалицијата „Вреди повика на поддршка од останатите пратеници. Веруваат дека овој предлог ќе придонесе за подобро функционирање на администрацијата.
Сметаме дека треба да се поддржи барањето. Тоа е во склад со реализација на програмските определби – рече Снопче.
Бланко поддршка од социјалдемократите нема. Ќе чекаат да стигне предлогот во собрание по што ќе изградат став внатре во пратеничката група, дали ќе гласаат за реконструкцијата на ресорите во извршната власт.
Дали ќе ги поддржиме законите за реформа на администрацијата? Прво, тие закони треба да дојдат во Собрание. На невидено поддршка или не може да биде дадена. Да ги видиме прво законите, што пишува и на основа на тоа ќе одлучиме и на ниво на партија и на ниво на пратеничка група – рече Спасовски.
Конкретен став за поддршка нема ниту од Европскиот фронт, но нивниот став алудира дека нема да гласаат за реорганизацијата бидејќи сметаат дека на оние ресори кои ќе бидат предводени од Албанците, им се одземале ингеренциите. Уште еднаш повторија дека „Вреди“ не е легитимен претставник на етничките Албанци.
Не сме го виделе законот, кога ќе го разгледаме ќе се изјасниме. Реорганизацијата на Владата ѝ служи само на ВМРО-ДПМНЕ во предизборната програма и во неколку институции кои ќе ги водат нелегитимните претставници на Албанците на кои им се одземаат надлежностите и во старт се докажува дека без легитимитет секој може да си поигрува со ресорите и со надлежностите – изјави Беџети.
Ако поминат овие законски измени, Македонија ќе добие министерство за енергетика и Министерство за спорт. Секторот труд од труд и социјална политика оди во министерството за економија, а од таму, секторот за туризам преминува во министерството за култура. Министерството за труд и социјална политика, станува министерство за социјална политика, демографија и млади, а пак министерството за информатичко општество се планира да стане министерство за администрација и дигитализација. Со оглед на тоа што ВРЕДИ, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ заедно имаат 78 пратеници, нив ќе им треба поддршка од најмалку уште двајца пратеници.
