Државниот секретар во Министерството за спорт, Сашо Огњеновски денеска присуствуваше на инклузивната трка „Run Together 2026“ што се одржa во Гевгелија, во рамките на спортскиот настан November Run, и изрази поддршка за учесниците и за организаторите – информираат од Министерството.
Трката која се одржува трета година по ред, ја организира Фондацијата „Ице Бегов“ во соработка со Атлетскиот клуб „7 Ноември“. „Run Together“ е ненатпреварувачка трка на 1 километар на која лица со и без попреченост, деца, семејства, спортисти, волонтери, претставници на училишта и на здруженија се движат заедно на иста патека. Настанот создава простор за рамноправно учество и ја поттикнува инклузијата и достапноста на спортот за сите.
– Вистинската вредност на спортот е во можноста секој да учествува, да биде прифатен и да се чувствува како дел од заедницата. Токму таа порака ја испраќа инклузивната трка „Run Together 2026“, настан кој преку спортот ги обединува сите луѓе со добра волја. Ми претставува особено задоволство што Министерството за спорт ја поддржува оваа прекрасна иницијатива, која покажува дека спортот е многу повеќе од натпреварување – тој е заедништво, еднаквост, почитување и можност за сите – истакна Огњеновски.
Во трите досегашни изданија трката обедини над 2.250 учесници и поддржувачи од целата држава.
Спорт достапен за сите во целата држава е една од целите и заложбите на Министерството за спорт што се реализира преку програмата за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура и поддршка за спортските и рекреативните настани кои значат промоција на спортот и на спортските вредности.

