Реклама

Николоски: Ќе се заврши затворениот базен во Охрид, обезбедени 470 милиони денари

Бугарија си игра топло-ладно со можната средба меѓу министрите за надворешни работи Муцунски и Петрова

Груби следната недела излегува од притвор, нуди и гаранција од над 300.000 евра за да му го вратат пасошот

Светска Банка ја подобри прогнозата за економскиот раст на Македонија за годинава од 2,9% на 3,2%

Во Дојран запленети 79 килограми марихуана – Нова акција во која е разбиена меѓународна криминална група

Муцунски и Петрова ќе се сретнат в четврток во Софија

Златна маска стара 26 векови кај Струшко: сензационално археолошко откритие на локалитетот Расница

Штипскиот универзитет промовираше прирачник за рано препознавање на сите форми на насилство во училиштата

Нови апсења се случуваат во Државна лотарија

Со 12,8 милиони евра ќе се помагаат земјоделците, почнува доделувањето на картички за зелена нафта

Фон Дер Лајен не фали за реформите како никогаш претходно, Филипче се чуди што ќе бара Муцунски во Софија

Недостаток од наставници по природни науки, министерката Јаневска најавува чекори за враќање на достоинството и подобри плати

Македонија

Василевска на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Македонија: Парламентарната дипломатија придонесува да сме чекор понапред до она што сакаме да го постигнеме

Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Македонија денеска во Скопје ги усвои заклучоците…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Македонија денеска во Скопје ги усвои заклучоците од втората сесија на дводневната средба посветена на поврзувањето и развојот на инфраструктурата и се очекува во текот на денот тие да бидат и официјално објавени. 

Копретседавачката и пратеничка во македонскиот парламент, Иванка Василевска, по гласањето за амандманите на заклучоците, го нагласи значењето на парламентарната демократија и важноста да се има пријатели и да се градат мостови. 

– Трансформацијата на Македонија од еден поинаков систем или режим во кој беше повеќе од 40 години и борбата за трансформација на институциите и создавање едно реално плурално општество, кое ќе добие шанса, иако мала држава по својот обем, со многу голем потенцијал, со многу ресурси, со голем човечки капитал, со разновидност во меѓуетнички и меѓурелигиски културни богатства што ги имаме како структура, секојпат чуствувам дека сме барем еден чекор понапред до она што сакаме да го постигнеме – рече Василевска.      

Реклама

Претходно, таа зборуваше за развојот на технологијата и на вештачката интелигенција кај нас. Василевска истакна дека кога станува збор за дигиталната трансформација, таа треба да се разгледува не само како технолошки процес туку и како процес на унапредување на начинот на кој институциите ги организираат своите процеси и ги обезбедуваат услугите за граѓаните. 

– Во таа насока, продолжувањето на дигитализацијата и подобрувањето на електронските услуги претставуваат дел од активностите за модернизација на јавниот сектор – рече пратеничката.

Зборувајќи за дигитализацијата кај нас, таа пред европските и македонските колеги рече дека во следниот период фокусот треба ќе биде на целосна имплементација на SmartMK 2030, натамошната дигитализација на административните услуги и целосното функционирање на интероперабилноста.

– Особено важно е да продолжиме со усогласувањето со европската регулатива во областа на електронските комуникации, дигиталниот идентититет, кибербезбедноста и вештачката интелигенција – потенцира таа. 

Исто така, ќе продолжат активностите за Roaming Like at Home, со цел придобивките од европската интеграција да се преточат во конкретни и секојдневни услуги за граѓаните преку поедноставно и подостапно користење на електронските комуникации.

– Паралелно, дигиталната трансформација ќе ја градиме како процес што носи поквалитетни, побрзи и подостапни услуги. Фокусот ќе биде на безбедноста, пристапноста и инклузивноста, со јасна определба секако технологијата да го олеснува пристапот до институциите и услугите наместо да создава нови административни пречки за граѓаните – рече Василевска. 

За она што е направено досега, рече дека во областа на електронските комуникации е донесен Законот за електронските комуникации, со кој националната регулатива се усогласува со Европскиот кодекс за електронски комуникации и Gigabit Infrastructure Act. Во соработка со надлежните институции се подготвени измени на Законот за електронските комуникации, подзаконските акти и одлуките поврзани со роамингот, а следниот чекор е почнување преговори со земјите од Западен Балкан, со цел постепено приклучување кон европската роаминг-зона.  

​Во дигиталното општество, со зголемувањето на дигиталните услуги, кибербезбедноста исто така станува една од клучните компоненти на националната безбедност и довербата на граѓаните во институциите. По донесувањето на Законот за безбедност на мрежните и информациските системи, целосно усогласен со NIS 2-директивата, донесено е и објавено целокупното секундарно законодавство. ​Особено значајно, потенцира Василевска, е што од 1 мај 2026 година почна со работа MKD-CSIRT, националниот тим за одговор на компјутерски безбедносни инциденти во извршната власт. Во системот се опфатени 139 субјекти: Владата, министерствата, државните органи, општините, општините во град Скопје и Град Скопје. ​Дополнително, станавме полноправна членка на FIRST, односно глобална мрежа на тимови за одговор на компјутерски безбедносни инциденти.  

Пратеничката Василевска истакна дека во јуни 2025 година е донесен Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за електронскиот документ, електронската идентификација и доверливите услуги, со кој националната рамка се усогласува со регулативата на ЕУ 2024/1183 и концептот на European Digital Identity Wallet.

​Националниот портал uslugi.gov.mk е редизајниран со цел поедноставен пристап до услугите, а развиена е и мобилната верзија. Подготвен е план за дигитализација на 62 административни постапки од 11 институции. – Целта е овие постапки да станат целосно дигитални – граѓаните и компаниите да поднесуваат барања електронски, институциите по службена должност да ги прибавуваат потребните податоци, граѓаните електронски да го следат статусот на предметот и да ги добиваат актите без физичко присуство, освен кога тоа е законски неопходно. Ова е суштината на принципот Once Only, односно граѓанинот да не доставува документ или информација што државата веќе ја има – рече пратеничката. 

Во август 2026 година бројот на регистрирани корисници на националниот портал достигна 273.526, а Single Sign-Out системот има околу 331.000 корисници. Денес, нагласи таа, преку порталот се достапни 335 услуги, со просечно 10.000 поднесени барања во период од 30 дена. 

​Вештачката интелигенција е следниот голем чекор во нашата дигитална трансформација, а проектот „Везилка“ – National Artificial Intelligence Factory Antenna претставува значаен чекор за формално интегрирање на нашата земја во европскиот екосистем за вештачка интелигенција. 

– ​Проектот е координиран од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, а неговиот вкупен буџет изнесува 6.225.440 евра, со еднакво коучество на Европската Унија и на националното финансирање. Придонесот од Европската Унија преку EuroHPC JU изнесува 3.112.720 евра, а националниот придонес е во истиот износ. За реализација на националниот дел потпишан е договор меѓу Министерството за дигитална трансформација и ФИНКИ во вредност од 90 милиони денари, од кои 10 милиони денари веќе се префрлени на наменската сметка – рече, меѓу другото, Василевска.