Мислам дека напредокот ви е потребен вам, на вашата земја, за да се движите понатаму и да се развиете во модерно, демократско и добро организирано општество, без оглед дали сакате да се приклучите во Европската Унија еден ден или не, порача денеска австрискиот европратеник Томас Вајц на Граѓанскиот форум „Македонија и иднината на Европа: Граѓаните во срцето на проширувањето на ЕУ“, организиран од Групата за поддршка на демократијата и координација на избори на Европскиот парламент, во соработка со Собранието на Северна Македонија.
Вајц истакна дека напредокот на земјата не треба да се гледа исклучиво низ призмата на нејзиното членство во Европската Унија, туку пред сè како процес што треба да обезбеди модерно и демократско општество, како и подобри услови за живот на граѓаните. Во спротивно, рече, граѓаните ќе го бараат подобриот живот на друго место.
_J2lmOokK9/large.webp?use_watermark=1)
– Дали напредокот нам ни е потребен во Европската Унија? Не, мислам дека напредокот ви е потребен вам, за вашата земја, да се движите понатаму, да се развиете модерно, демократско и добро организирано општество, без оглед дали сакате да се приклучите на Европската Унија еден ден или не … Ако не успеете да го понудите тоа на граѓаните, тогаш граѓаните ќе го бараат тој подобар живот на друго место, а тоа ни прави голем проблем. Ако ние не ги адресираме проблемите и не зборуваме за пречките, за тешкотиите со кои се соочуваме, за негативните страни и за сè тоа што се случува во Македонија, проблемите нема да исчезнат – посочи Вајц.
Како важни теми за кои, според него, треба отворено да се разговара ги посочи животната средина, квалитетот на воздухот, дивите депонии, рециклирањето, пречистителните станици, рударството и шумарството. Се осврна и на владеењето на правото, оценувајќи го како еден од темелите на функционирањето на државата, како и на демократските процеси и учеството на граѓаните.
– Јас верувам дека единствено земја којашто се грижи за основните работи – чист воздух, вода, за добри услови на живот, исто така напредува и економски. Сето тоа има директно економско влијание. Тоа е во секој систем што ви го дефинира секојдневниот живот, тоа е исто така и владеење на правото, дали законот се применува за сите на ист начин или пак зависи колку сте богат и од каде доаѓате. И за тоа треба да зборуваме – оцени Вајц.
_ykUvigfdz/large.webp?use_watermark=1)
Претседателот на Собранието Африм Гаши истакна дека полноправното членство во ЕУ е јасна стратешка определба на Македонија, која треба да биде надпартиска и долгорочна, но оти европскиот пат не може да биде успешен ако се води само од институциите.
– Македонија има јасна стратешка определба – полноправно членство во Европската Унија. Тоа е определба која има широка поддршка во нашето општество и која треба да биде надпартиска и долгорочна. Но, европскиот пат не може да биде успешен ако се води само од институциите. Токму затоа ваквите форуми се важни – истакна Гаши
Нагласи дека граѓаните треба постојано да учествуваат во креирањето на политиките и да бараат одговорност од институциите и порача дека европската агенда треба да стане граѓанска агенда, додека европските стандарди да станат реалност за граѓаните.
– Партиципативната демократија не значи граѓаните да бидат прашани за мислење само во изборен период. Тоа значи дека граѓаните постојано да имаат можност да учествуваат во креирањето на политиките, да поставуваат прашања, да предлагаат решенија и да бараат одговорност од институциите. Сакаме да бидеме дел од Европската Унија, но сакаме и европските стандарди да станат реалност за секој наш граѓанин. И затоа денес сакам да упатам порака и до граѓаните: Вашиот глас е важен. Вашите очекувања се многу важни, вашите критики исто така се важни. Европската интеграција ќе има вистинска вредност само доколку граѓаните се чувствуваат како активни учесници, а не како набљудувачи на процесот – порача Гаши.
_7xrMlUGCY/large.webp?use_watermark=1)
Словачкиот европратеник Бранислав Ондруш, пак, зборувајќи за потребата од поголемо учество на граѓаните во политичките процеси, го истакна значењето на неговото новинарско и синдикално искуство. Ондруш ја истакна промената на слоганот на Делегацијата на ЕУ во земјава од „ЕУ за Вас“ во „ЕУ со Вас“, оценувајќи ја како важен симбол за начинот на кој треба да се води политиката.
– Пред околу пет години, Делегацијата на ЕУ овде одлучи да го промени во „ЕУ со вас“ и за мене како политичар, тоа е многу важна промена, многу важен симбол, бидејќи изразува многу важен знак како треба да водиме политика воопшто – оцени Ондруш.
Тој нагласи дека податоците, статистиките и анализите се важни во креирањето политики, но оти не се доволни за целосно разбирање на потребите на граѓаните.
– Иако е важно да се работи со податоци и соодветна анализа на податоците, тоа не е доволно за да се знае што им треба на луѓето. И затоа за мене е важно да се води политика не само за луѓето, туку и со луѓето исто така – рече Ондруш.
Според него, корпорациите имаат значајно влијание врз политиката и оцени дека е потребно нивните интереси да бидат балансирани со интересите на јавноста.
_77wflaueG/large.webp?use_watermark=1)
– И затоа е важно да се осигураме дека ги правиме сите напори да обезбедиме интересите на корпорациите да бидат избалансирани со интересите на обичните луѓе, на јавноста, на човекот – оцени Ондруш.
Граѓанскиот форум, вели, е можност граѓаните да не бидат само набљудувачи, туку активни учесници во процесите на носење одлуки.
– Сакаме да се обидеме, да го дадеме нашиот максимум, за да се осигураме дека сте вклучени, дека не сте само набљудувачи, туку сте засегнати страни во политичките процеси на носење одлуки – рече Ондруш.
Граѓанскиот форум „Македонија и иднината на Европа: Граѓаните во срцето на проширувањето на ЕУ“ се одржува од 25 до 27 септември во Скопје, со директен дијалог меѓу граѓаните и носителите на одлуки, а предвидено е учесниците да усвојат финални препораки преку гласање.

