Консолидацијата на земјиштето не е само реформа – таа е можност. Можност за окрупнување на земјоделското производство, за поефикасно користење на ресурсите и за развој на поконкурентни и одржливи бизниси. Процесот бара заеднички ангажман на сите чинители, смета министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Тој на денешниот настан во Стопанската комора посветен на зголемување на обемот на консолидација на земјиштето преку партнерства со приватниот сектор посочи дека целта е да се отвори простор за поширока соработка и да се изградат партнерства коишто ќе овозможат побрза и поефикасна имплементација, во корист на земјоделците и руралните средини.
– Досегашните искуства јасно покажуваат дека консолидацијата носи реални придобивки – окрупнети парцели, поефикасно користење на земјиштето, намалени трошоци и зголемена подготвеност за инвестиции. Покажавме дека процеси како консолидацијата на земјиштето се можни и применливи во поширок обем, и дека посветените партнерства водат до успешни резултати – дури и во сложени структурни реформи како што е земјишната политика.
Ова јасно потврдува дека консолидацијата не е само административна постапка, туку инструмент кој суштински го менува начинот на производство и отвора нови можности за развој на земјоделството, рече Трипуновски.

Посочи дека во консолидираното подрачје Трн, тековните активностисе насочени кон завршување на последната фаза, односно дека се обезбедени средства и избран е изведувач на работите за изградба на земјоделската инфраструктура, а до крајот на годината се планира отпочнување и на активностите во консолидационо подрачје Логоварди за изградба на земјоделска инфраструктура.
– За таа цел, сакам да ги охрабрам и геодетските компании – како клучнa поддршка на процесот на терен – дополнително да ги зајакнат своите капацитети и активно да се вклучат во реализацијата на идните планови за консолидација, за кои е потребен поширок ангажман – на компании и експерти, рече Трипуновски.
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески повика на остра и енергична акција која, според него, е клучна за успешна имплементација.
– Прашањето е како да се имплементираат темелните вредности за оваа држава да ја направиме држава – тоа значи на политички план владеење на правото, на економски план важење на пазарните законитости и на земјоделски план консолидација на земјиштето. Како да ги имплемнетираме? Ќе ги ставиме со приоритет и со поединци кои ќе го поддржат тоа, рече Азески.
Порача дека не треба да се бараат изговори и дека треба да се заскукаат ракавите.
– Ние што правиме? Само се правдаме и бараме причини. Не можеме да ја донесеме стратегијата за консоидација на земјиштето заради војната во Иран, не можеме да ја донесеме заради воениот конфилкт во Украина, не можеме да ја донесеме заради изборите. Само причини и причини, а суштината е да се засукаат ракавите и тоа што го знаат паметните и што е напишано, да го имплементираме. Сега имаме конкретни активности кои одат во насока да го решат прашањето на имплементација како што е на пример изградбата на автопатот за Охрид, како и другите инфраструктурни проекти за да се вклопиме во европското семејство, посочи Азески.
Според Азески, потребно е и обединување и вклученост за сите засегнати страни за успешна имплементација.
– Трите најголеми стопански комори минатата недела за првпат потпишаа договор за заедничка настап. Ако успеаја да се обединат тие кои беа непријатели во дејствувањето на терен, тогаш секој во оваа држава може да се обедини и да се надмине себеси. Ние решивме тоа да го направиме и да им покажеме на сите други дека треба да го направат истото – да направиме фронт во којшто ќе ги забрзаме процесите и на тој начин ќе ги постигнеме двете цели – ние бизнисите да правиме профит, а граѓаните да го подигнат својот животен стандард, рече Азески.
Националната стратегија за консолидација на земјиштето 2025-2035 е донесена на владина седница на 10 јуни, минатата година.
