Подготвуваме еден поголем пакет којшто е единствен таков во Европа, каде што студентите преку апликацијата М-услуги ќе имаат повеќе привилегии и повеќе услуги во коишто ќе користат привилегии. Ценам дека кога сево ова ќе биде готово, ќе биде пријатно изненадување за студентите, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Во интервју за една од националните телевизии тој посочи дека студентите ќе бидат поканети за да им биде претставена понудата, нагласувајќи дека „на овој начин многу повеќе ќе се зголемат привилегиите на студентите од тоа што се сега – 140 денари за дневен студентски оброк“.
– Тоа ќе зависи од договорите коишто ќе ги потпишеме со економските оператори. Некои економски оператори може да дадат привилегија што ќе биде 5 проценти, некои може да дадат привилегија 20, 25, па и 50 проценти. Затоа велам, ако тоа го спроведеме, мислам дека ќе биде многу повеќе од тоа што денес го добиваат, рече Мицкоски.

