Владата е подготвена да ја поддржи иницијатива на здружената опозиција СДСМ, Левица и ДУИ за распуштање на парламентот и да се оди на предвремени парламентарни избори, рече вечерва претседателот на Владата Христијан Мицкоски.
Во гостување на една од националните телевизии, Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се избрани од граѓаните за мандат од четири години и дека Владата работи за редовни парламентарни избори во пролетта 2028 година, но доколку опозицијата поднесе барање за распуштање на парламентот, владејачкото мнозинство ќе го поддржи таквиот предлог и ќе се оди на предвремени избори.
– Ако сакаат предвремени парламентарни избори, многу е едноставно. Здружената опозиција, СДСМ, Левица, ДУИ, поднесува барање во парламентот за распуштање, ние го поддржуваме и одиме на предвремени избори. Договараме датум, тоа е тоа … Се разбира, ако сме предизвикани, тогаш треба да се провериме. Ако граѓаните мислат дека опозицијата треба да ја добие довербата, тоа е тоа. Ние ќе одиме во опозиција, тие ќе бидат идната влада – рече Мицкоски.
На прашањето дали најавите на Максим Димитриевски за заминување од коалицијата поради прашањето за правосудниот испит отвораат простор за предвремени избори, премиерот оцени дека Владата би задржала собраниско мнозинство и при негово евентуално повлекување.
– И да напушти Максим Димитриевски, Владата има 61 пратеник, дури и повеќе од 61, ако така ги гледаме работите. Не барајте, нема потреба од теории на заговор или, пак, некакви сценарија – рече Мицкоски.
За најавените промени на дел од замениците министри, Мицкоски рече дека наскоро ќе бидат соопштени предлози. Комуникацијата со Билал Касами и Изет Меџити од Вреди ја оцени како одлична.
Прашањето дали постои политички договор за враќањето на Артан Груби и Перпарим Бајрами во Македонија, Мицкоски го нарече смешно, додека пак, во врска со неговиот пречек со факели и извици „Кралот се врати“, премиерот оцени дека тоа за него е срамно.
На прашањето дали постоел политички договор за влезот на Алта банка во земјава, Мицкоски рече дека, доколку имало таков договор, тој бил во 2023 година на владина седница водена од Димитар Ковачевски, кога Владата го задолжила државниот правобранител да влезе во деловни односи со Алта банка Србија.
За влезот на Алта банка во 2025 година, премиерот нагласи дека акциите се купени од приватни сопственици по објавен јавен повик и дека банката ги исполнила сите законски услови.
– Ги слушам овие обвинувања од страна на опозицијата. Се обидувам некогаш и да не одговарам, бидејќи не само што немаат суштина, туку немаат ни логика… Од една страна, нè обвинуваат дека сме биле со Мацура и со Алта банка Србија, а од друга страна, загрижени се некој да не ја плати банката помалку, па помалку пари да отидат во Србија, во стечајната маса на Алта банка Србија – вели премиерот.
Во врска со наводите на опозицијата за можен конфликт на интереси при влезот на Алта осигурување, Мицкоски информираше дека, според податоците што ги добил, братот на претседателката на Агенцијата за супервизија на осигурување поседува 9 проценти од капиталот на една од четирите брокерски куќи во државата и не е квалификуван сопственик.
– И трансакцијата што е направена е направена согласно со сите оние правила, принципи и прописи што важат. Така што, не гледам апсолутно ништо спорно тука – оцени Мицкоски.
Во пресрет на посетата на Брисел в среда, пак, Мицкоски нагласи дека неговиот став за членството на Македонија во Европската Унија е непроменлив и поткрепен со аргументи, а ставовите на опозицијата ги оцени како некредибилни. Додаде дека Македонија ќе се бори за европската перспектива и дека нема откажување.
– Јас имам став кога станува збор за прашањето за членството на Македонија во Европската Унија и тој став е константа. И не го менувам согласно со дневните потреби. Не е тоа пластелин… Полека, но сигурно, чекор по чекор, колку и да е тој мал и колку и да изгледа невидлив во овој момент, ние успеваме со нашите аргументи – рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски во вечерашното гостување на Телма телевизија.

