Бугарија ја започна предизборната политичка кампања, а Македонија повторно се најде во центарот на вниманието како една од најисплатливите теми за собирање гласови. Лидерот на партијата Има таков народ, Слави Трифонов, денес објави говор исполнет со навреди, омаловажувања и закани кон Македонија, искористувајќи го инцидентот со скршено стакло на влезот од бугарската амбасада во Скопје, како причина за таквата негова рекација.
Со силна политичка драматизација, Трифонов тврди дека тој чин претставувал доказ за „омраза“ кон Бугарите, нагласувајќи дека „ништо не се променило“ низ годините.
Во неговиот текст се појавуваат добро познатите мотиви: стереотипи за Македонците, историски наративи и политичка надмоќ, но и фрази насочени директно кон емоционалната база на неговите гласачи.

„Обично сакате да го скршите стаклото на оној што не го сакате, или едноставно го мразите. Многу години немало промена.“, пишува тој на социјалните мрежи.
Во продолжение, неговата објава преминува во директно понижувачка реторика:
„Ќе останете во Северна Македонија, ќе гледате одвратни црни натписи, тајно ќе сонувате бугарски пасоши, ќе доаѓате на Сончев Брег ако е можно, ќе ги праќате вашите деца да студираат во Бугарија и ќе ја гледате Европската унија низ искривена макарона. Бидејќи, објективно кажано, токму тоа го заслужувате, пишува Трифонов.
Со ова, Трифонов повторно ја активира темата за бугарското вето и европската перспектива на Македонија — тема која пред избори секогаш добива остар национал-популистички набој.
И додека се заострува медиумската реторика, во дипломатската рамка не се гледа смирување. Само пред десетина дена, официјална Софија испрати нова провокација кога во своја изјава го нарече македонскиот јазик „јазик дистапен за граѓаните“, што во Скопје беше доживеано како директно негирање на јазичниот и културниот идентитет.
Овие изјави, заедно со денешниот настап на Трифонов, дополнително ја потврдуваат тенденцијата Македонија да се користи како внатрешно-политичко орудие во изборна година, наместо како сосед и партнер во европскиот процес.
