Десет кривични пријави. Ова е криминалното досие на сопругот на мајката Ивана и нејзиното дете кои трагично го загубија животот по пад од балкон во скопски Карпош. Фатен со 20 паковки марихуана и 7 грама амфетамин. Лице со изречени мерки на претпазливост. Пријавуван и за насилство. Човек посочен како одговорен за прерано згаснаите животи на младата мајка и нејзината 6 годишна керка.
Денеска минситерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека , против Стојанче Јовановски – сопругот на жртвата во изминатите години биле поднесени повече кривични пријави – за насилен криминал, имотни деликти и недозволена трговија со дрога.
Во декември 2025 година бил лишен од слобода поради трговија со дрога, откако кај него биле пронајдени 20 паковки со марихуана и амфетамин.

„Во декември 2025 година, по лишување од слобода за кривично дело по член 215 од Кривичниот законик – трговија со дрога, бидејќи кај истиот биле пронајдени 20 паковки со дрога, Министерството за внатрешни работи отпочна брза постапка и достави кривична пријава до надлежен јавен обвинител, при што од страна на обвинителот беа побарани мерки на претпазливост, а од судот истите беа изречени.“ – рече министерот.
По трагедијата во Карпош, сопругот кој повторно е лишен од слобода и се наоѓа во полициска станица, ќе се гони за наведување на самоубиство, тешка телесна повреда поврзана со семејно насилство и загрозување на сигурноста.
Тошковски истакна дека истиот ден, неколку часа пред трагедијата Јовановски се расправал со сопругата, била повикана полицијата, таа брзо стигнала на лице место, но Ивана рекла дека немало насилство и дека станувало збор за недоразбирање. Одбила да поднесе пријава и рекла дека брачните проблеми ќе ги реши со развод.
„Жртвата изјавила дека нема физички контакт, дека се работело за недоразбирање кое го решиле по мирен пат и дека не бара полициска интервенција. Полициските службеници констатирале дека нема видливи телесни повреди.“ – рече Тошковски.
Поттикнат од овој грозоморен настан министерот се осврна и на измените на Кривичниот законик кои овозможуваат постапување по службена должност кога ќе се констатираат телесни повреди. Бројките, според МВР, покажуваат засилен фокус на семејното насилство. А жртвите се охрабрубаат да пријавуваат.
Министерот најави дека секој потенцијален сторител на семејно насилство, без разлика на полот, ќе биде повикуван на информативен разговор во полициска станица.
До сите полициски службеници ќе биде испратена телеграма со инструктивни насоки за вакво постапување, што, според министерот, го дозволува Законот за полиција и ќе овозможи проширување на оперативните активности во рамки на законските овластувања.
Паралелно, најавено е и формирање на посебно одделение кое на национално ниво ќе се занимава исклучиво со случаи на семејно насилство.
