Таткото на Вања прв се посомневал дека ќерка му е киднапирана – на прашањето зошто велел „нема друго што да биде“ – ова го тврди мајката на 14 годишното девојче кое беше убиено во ноември минатата година. Околу еден час траеше нејзиното сведочење пред судот како главен сведок во судската постапка во која обвинет е и нејзиниот поранешен сопруг. Токму за него рече дека критичниот ден, на 27-ми ноември кога изчезна Вања, откако му се јавила дека ќерка им ја нема тој за неколку минути се подготвил и ја чекал пред зградата, иако често доцнел. Ѓорчевски заедно со познаник, ги прегледувале камерите во станот и забележале човек кој утрото ја надледува зградата и во одреден момент се качува во автомобил. На мајката не и било верно, дека нејзината ќерка е киднапирана – „ тоа не е ќерка на Кенеди“ – рече таа во судница за време на сведочењето.
- „Не сум сигурна дали во автомобилот. Дома го кажа тоа. ‘Нема што друго да биде кажа. Но, му реков треба на некој да должиш, за да ја киднапираат. Не можам да кажам со сигурност дека го зборуваше тоа на 27-ми (денот кога исчезна Вања). Во текот на наредните денови кажуваше да, дека е киднапирана. Во еден момент му се развикав престани да кажуваш дека е киднапирана, полицијата има друга терминологија. Велеше дека нешто друго не може да биде“, рече Зорица Ѓорчевска – мајка на Вања.
Адвокатот на Александар Ѓорчевски вели дека со сведочењето на мајката се покажува дека таткото не е вмешан во убиството како што тврди обвинителството.
- „Сите го слушавте исказот, па веројатно забележавте дека самиот сведок не посочи дека Александар направил нешто невообичаено или нешто што нормален обичен човек не би направил во таков момент. Во однос на тоа што Александар дал своја претпоставка дека девојчето е киднапирано, ако внимателно го слушавте сведокот, и самата Зорица појасни како го толкува неговото толкување дека Вања е киднапирана. Александар не можел да се помири со фактот дека нејзиното дете побегнало, па затоа тој претпоставувал дека Вања е киднапирана. Сите биле вознемирени, сите биле насочени кон тоа да го пронајдат детето“ – рече адвокатот.
Ќерката на Панче Жежовски, Ана и зетот Тодор Киркови, сведочеа дека убиениот пензионер се знаел со Велибор Манев кој го ангажирал уште пред 15-тина години за да му го среди дворот. Но, незадоволен од направеното, иако му платил 1100 евра, Жежовски го тужел сега обвинетиот Манев, во 2007, за да му ги врати парите.

- „Го изнајми (Велибор Манев) за да направи поплочување. Околу бекатонските плочки, татко ми не беше задоволен. Не можам да се сетам. Мислам дека татко ми тужеше. Не ни кажуваше ништо не сакаше да не вовлекува во проблемите негови“, додаде сведокот Киркова.
По сведочењата на најблиските на жртвите, адвокатот на Љупчо Палевски, рече дека верува во невиноста на неговиот клиент, за што во прилог оделе тврдењета дека никој од нив лично не го познавале првообвинетитот за двојното убиство.
- „Засега, нема ниту еден дел од нивниот исказ кој упатува кон тоа дека Палевски е сторител на кривичните дела. Ние баравме од оштетената и субјективно мислење дали можеби претпоставува дека можеби нејзиниот сопруг и Палевски биле во некаков контакт, а таа одговори дека не знае за такво нешто“ – рече Витановски.
Според Обвинителствство, обвинетите заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. На 22.11.2023 заеднички го грабнале и го убиле 74-годишниот Панче Жежовски во Велес, за да му го земат автомобилот цитроен, со кој на 27.11.2023 година ја грабнале Вања од нејзината зграда. Ја однеле во атарот на селото Бразда и со пиштол, калибар 9 милиметри, преку перниче што го нашол на местото на убиството, обвинетиот Љупчо Палевски Палчо пукал во главата на Вања Ѓорчевска. За потврдување на обвинителниот акт, повикани се уште осум сведоци – а судењето продолжува во среда.
