Во рамките на престојот во Атина по повод учеството на дводневниот самит „Energy Transition Summit: East Med and Southeastern Europe“, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари работна средба со амбасадорката на Соединети Американски Држави во Грција, Кимберли Гулфојл.
Како што соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во пријателска и конструктивна атмосфера биле разменети мислења за билатералните односи меѓу двете држави, со посебен акцент на енергетската соработка, енергетската безбедност и можностите за продлабочување на партнерството во областа на инфраструктурните и стратешките енергетски проекти.
-Соговорничките се осврнаа и на неодамна одржаниот стратешки дијалог во Вашингтон, каде енергетиката беше една од централните теми, при што беше потврдена заедничката заложба за зајакнување на регионалната соработка и поддршката на енергетската транзиција – се наведува во соопштението.


Министерката Божиновска ја информирала амбасадорката за текот на активностите поврзани со изградбата на гасниот интерконектор со Грција, како и за посветеноста на Владата кон реализација на проекти што ќе придонесат за поголема енергетска стабилност, диверзификација на изворите на снабдување и зголемување на регионалната поврзаност.
– Заеднички беше подвлечена потребата од зголемување на обемот на американски инвестиции во енергетски и инфраструктурни проекти во Македонија и регионот, особено во делот на гасната инфраструктура и модернизацијата на енергетските капацитети – се посочува во соопштението.
На средбата, министерката Божиновска упатила покана до амбасадорката Гулфојл во блиска иднина да ја посети Македонија.
